Во рамки на овогодинешните „Денови на комуникација” во Ровињ, каде што се собра маркетинг кремот од Вардар до Триглав, беа презентирани и сите маркетинг пазари од Централна и Источна Европа. На панелот „Meet Your Neighbours: The Balkan… Oops, We Mean CEE Markets Snapshot”, говореа претставници и директори на агенции од пет соседни земји: Предраг Николовски (косоосновач и креативен директор на AdValue, Северна Македонија), Маја Радак (извршна директорка на Fullhouse Ogilvy, Србија), Грегор Фирбас (извршен директор на Futura, Словенија), Ирена Миличевиќ Вукоја (сопственичка на агенцијата Prefix и CEO на Woman.comm Club, Босна и Херцеговина) и Анамарија Хорачек (член на одборот и извршна директорка на mmb media agentur, Хрватска).

Николовски го претстави македонскиот пазар преку метафората на еспресо: мал, концентриран и удира веднаш. Македонија во маркетинг секторот со своите 2 милиони жители расте со CAGR од 6,4%, додека просекот на ЕУ е 2%, што, како што се пошегува, „е малку како безкофеинско кафе за нас“. Вкупниот огласувачки пазар во 2025 година достигна 53,5 милиони евра. Соодносот помеѓу традиционалното и дигиталното огласување моментално е 58% наспроти 42%, но дигиталниот маркетинг расте и тој баланс брзо се менува.
Кога станува збор за креативците или „baristas” како што ги нарече Николовски, во еден пазар од 2 милиони луѓе работат меѓу 70 и 100 агенции – што јасно покажува колку е конкурентна сцената. По падот за време на пандемијата на 55 милиони евра во 2020 година, индустријата се врати на над 70 милиони, а со Отворен Балкан опсегот на пазарот на кој се натпреваруваме сега достигнува 18 милиони потрошувачи – што значи дека веќе не зборуваме за мал пазар, туку за регион. Македонските маркетери се напредни со идеите и креативни во креирањето на нови пазари. Но, и државните институции почнаа да го фаќаат чекорот.
Од јануари 2026 година Македонија стана првата земја во ЦЕЕ и на Балканот што го регулираше инфлуенсер маркетингот – пред Берлин, пред Прага, пред Атина.

„Можам да зборувам за борбите со кои се соочуваме во македонскиот маркетинг простор, тоа се истите борби кои сите ги имаме во регионот. Сепак, верувам дека креативноста која ја носиме во себе дава резултати. Додека компаниите бараат од своите вработени да снимаат видеа сами и да се претворат во експерти за социјални медиуми со помош на ChatGPT, оние кои се издвојуваат и соработуваат со професионалци постигнуваат успех, не само во локални, туку и во регионални рамки. Бројките што ви ги презентирав, покажуваат дека треба да го испиете своето еспресо и будно да го следите македонскиот маркетинг сектор“ – заврши Николовски.
Предраг Николовски заедно со Срѓан Миновски ја водат AdValue, македонска агенција која активно работи на домашниот и регионалниот пазар. Ова е третата година по ред како агенцијата е присутна на „Денови на комуникација” – во првото издание со награда за кампања на еден од нивните клиенти, бренд што токму тогаш влезе на регионот, а следните две години Николовски беше член на жирито, додека оваа година настапи и како панелист. AdValue покажува сериозен потенцијал во креирањето кампањи блиски до публиката – не само во Македонија, туку и пошироко во регионот. За помалку од деценија, агенцијата прераснува во регионален играч подготвена за културен натпревар, со домашните и регионалните играчи во секторот.














