Технолошкиот гигант Samsung ја претстави својата нова божиќна реклама за британскиот пазар, во која во преден план се ставаат имагинацијата и емоцијата. Краткиот филм, насловен „A Friend for Christmas“ („Пријател за Божиќ“), ја прикажува имагинацијата не како минлива детска фаза, туку како моќна сила што им помага на луѓето полесно да се прилагодат и да воспостават врски.
Приказната ја следи Лаура, младо девојче кое се обидува да се навикне на животот по преселбата во нов дом. Чувствувајќи се осамено, таа ги набљудува другите деца како играат надвор, додека утеха наоѓа во својот имагинарен пријател Мило, кој ги симболизира пријателствата што морала да ги остави зад себе.
Кога на Лаура ѝ станува тешко да се вклопи во новата средина, нејзиниот дедо нуди решение со помош на асистентот за цртање со вештачка интелигенција Samsung Galaxy AI Drawing Assist. Претворајќи го описот на Мило во појасен и подетален цртеж, технологијата станува дел од еден топол и личен семеен момент.
Филмот е режиран од наградуваниот режисер Бен Вулф во сорабтока со продукциската куќа St Mark’s Studios и агенцијата Taylor Herring. Според Вулф, главната цел била да се доловат искрени емоции и да се прикаже како технологијата на Samsung природно се вклопува во секојдневниот семеен живот.
Кампањата беше објавена заедно со резултатите од истражување спроведено во Обединетото Кралство, кое покажува дека детската имагинација е најизразена околу шестгодишна возраст. Овие наоди ја надополнуваат пораката на филмот дека креативноста треба да се негува, а не да се надраснува.















