Американскиот мултинационален синџир на ресторани за пица, Domino’s Pizza, ја назначи Сара Барон за нов генерален маркетинг директор, пополнувајќи го местото кое беше испразнето уште во февруари минатата година.
Барон ќе ја превземе функцијата од досегашниот в.д. маркетинг директор Симон Валис, истовремено меѓународен управен директор на компанијата, кој ќе премине на функцијата генерален директор за трансформација.
Сара Барон се приклучува на Domino’s Pizza после четири години поминати како генерален маркетинг директор на британскиот ланец на кафетерии Costa Coffee. Таа претходно има работено и како независен консултант, а од 2000 до 2011 година била дел од британската компанијата за чоколадни производи Cadbury.
Генералниот извршен директор на Domino’s Pizza Group, Доминик Пол, исто така претходно директор во Costa Coffee, ѝ посака добредојде на Сара Барон во тимот на Domino’s, истакнувајќи дека таа: „Ќе донесе богатство на експертиза од работата со големи брендови, како и многу вредно искуство во бизнисот со франшизи.“
„Сара ни се приклучува во едно возбудиво време и интеграцијата на нашите дигитални и маркетинг тимови ќе биде многу важен чекор во натамошниот развој на овој извонреден бренд,“ додава Пол.