Како продолжение на кампањата „Shot on iPhone 13“, технолошкиот гигант Apple ја лансираше својата нова Божиќна реклама снимана целосно со помош на новиот iPhone 13 Pro и неговата камера со кинематографски квалитети.
Рекламата насловена „Saving Simon“ („Спасувајќи го Симон“) раскажува за приказната на едно девојче и нејзиниот омилен снешко кој успева да го зачува цела година.
Имено, рекламата отпочнува со сцена во која едно момче ги уништува снешковците пред неговата куќа. Меѓутоа, пред да стигне до најмалиот снешко, момчето е спречено во својата намера од неговата сестра која го зема снешкото и го става во семејниот фрижидер.
Девојчето грижливо и со голема посветеност го чува снешкото во текот на целата година, сé со цел следната Божиќна сезона да го извади повторно пред куќа. Меѓутоа, само момент подоцна, снешкото е уништен од велосипед во минување. Тогаш целото семејство вложува заеднички напор да ѝ помогне на девојчето за обнова на снешкото Симон.
Рекламата е режирана од страна на двоецот татко-син, Иван Рејтман и Џејсон Рејтман, кои зад себе имаат и номинации за Оскар.