Спортскиот пијалок Maurten сака да остане „под радарите“ и покрај тоа што го конзумираат врвни спортисти. Компанијата е „срамежлива“ и не ги открива своите најголеми клиенти, со цел да не ги загрози нивните спонзорски договори со други брендови.
Со цел да бидат уште „поневпечатливи“, Maurten во соработка со агенцијата Akestam Holst лансираа и специјална серија на пијалокот наречена “Maurten Unofficial” која е целосно „дебрендирана“. Имено, пакувањето нема никакво лого или препознатливи бои, но производот останува потполно ист. На овој начин, спортистите може слободно да го консумираат пијалокот во јавност, без да се грижат дека ќе ги загрозат своите спонзорски договори со големите брендови.
„Неофицијалната“ серија на пијалокот ќе се промовира преку видео-спот кој ја вклучува вообичаената монтажа на спортисти кои тренираат при инспиративна нарација, со таа разлика што лицата на спортистите се заматени, а гласовите се дисторзирани и задлабочени, како да се работи за заштита на сведоци.
Спотот е режиран од страна на Маџа Амин од продукцијата Halal, додека пак улогите ги играат вистински спортиски кои се клиенти на компанијата, која уверува дека тие немаат други спонзорски договори.