Претставниците на ланецот на продавници посочија дека повеќе нема да го користат традиционалниот модел на работење и дека купувачите можат да очекуваат продавници во кои помалку ќе се задржуваат
Пандемијата на коронарна вирус остави толку многу последици што дури и најпопуларните и финансиски стабилни компании сфаќаат дека ќе мора сериозно да се променат доколку сакаат да опстанат. Во таа смисла, Старбакс најави дека ќе затвори 400 продавници во Америка во наредните 18 месеци, а во периодот што претстои ќе го промени и својот модел на работење. Ланецот веќе посочи дека полека ќе се оддалечи од традиционалниот модел според којшто работи досега и дека ќе се насочи кон другите формати што ќе бидат поприфатливи за потрошувачите.
Засега е познато дека станува збор за објекти каде купувачите помалку ќе се задржуваат, низ кои ќе можат да возат автомобили, така што ќе има повеќе опции “за носење“, а нема да има класично седење во кафулиња, како што беше вообичаено во овие популарни продавници до пред неколку месеци.
На купувачите, се разбира, ќе им биде обезбедена и апликација преку која ќе можат да порачаат производи дури и пред да пристигнат во објектот. Како што изјавиле претставниците на оваа компанија за Блумберг, трансформацијата на работењето е нешто што одговара на тековната реалност и што ќе им обезбеди сигурност на потрошувачите.
Заедно со промените во деловниот модел одат и деловните резултати кои не се многу охрабрувачки како за оваа, така и за повеќето компании. Компанијата објави дека во тековниот квартал, продажбата ќе се намали за 3,2 милијарди долари. Иако затвора 400 продавници, оваа компанија ќе отвори 300 нови, што е за половина помалку од планираниот број пред оваа здравствена криза.