Новата реклама за пивскиот бренд Birra Moretti, создадена од агенцијата Lucky Generals, на духовит начин ја пренесува пораката „Уживај во едноставните животни задоволства“. Рекламата започнува како класична продукција со сончева Тоскана, ладно пиво и маслинки, но набргу станува јасно дека главната ѕвезда, актерот Стенли Тучи, не се појавил на снимањето.
Наместо тоа, Тучи испраќа спонтано видео снимено со мобилен телефон, во кое ужива во ручек со долгогодишни пријатели. Додека екипата го очекува на снимањето, тој наздравува со пријателите и едноставно ужива во моментот.
Lucky Generals со оваа кампања ја спојува високопродукциската естетика со спонтаната содржина карактеристична за социјалните мрежи. Според Шели Смолер, главна креативна директорка на агенцијата, Тучи сериозно ја сфатил пораката дека треба да одвои време за едноставните задоволства, но не и распоредот за снимање.
Кампањата се одвива преку рекламен филм, социјални мрежи, содржини од онлајн креатори и надворешно огласувањ. Раџив Сатјеш, маркетинг директор во матичната компанија Heineken, вели дека вистинското живеење на филозофијата на брендот е посилно од едноставното зборување за неа.
На крајот, претставникот на Тучи ја продолжува шегата, велејќи дека актерот не може да даде изјава бидејќи е „зафатен со уживање во едноставните животни задоволства“.















