Германскиот ланец на супермаркети Aldi веќе седма година по ред лансира кампањата во пресрет на Божиќните празници во која што се појавува анимираниот морков Кевин. Меѓутоа, она што ја прави оваа празнична сезона поразлична од претходните е нејзиното преклопување со Светското фудбалско првенство во Катар.
Во таквиот фудбалско-божиќен дух, Aldi се реши да направи забавна пародија на една стара реклама на Nike која брендот за спортска опрема ја лансираше по повод Светското фудбалско првенство во далечната 1998 година.
Оригиналната реклама ја прикажува тогашната бразилска фудбалска ѕвезда Роналдо и неговите соиграчи од бразилската репрезентација како играат фудбал и се забавуваат на аеродром, додека го чекаат летот за патување до Франција – земјата домаќин на тогашното првенство.
Во овогодишната реклама на Aldi, со слична идеја, го гледаме анимираниот морков Кевин и неговите другари – анимирани парчиња зеленчук и овошје – како играат фубал на аеродром. Љубителите на фудбалот ќе забележат дека сите имиња дадени на анимираните парчиња овошје и зеленчук, како Ronaldi, Messy, MmmBap, Macaroony, Roy Bean и Marrowdona, всушност алудираат на имињата на вистински фудбалски ѕвезди од минатото и сегашноста.
Новата кампања на Aldi, насловена “Feast of Football” („Фудбалска гозба“), е создадена во партнерство со креативната агенција McCann.