Повеќето луѓе се навикнати да имаат сигнал за безжична комуникација каде и да одат, но сепак постојат некои оддалечени региони во Соединетите Американски Држави кои сè уште остануваат недопрени од мобилната услуга.
Меѓутоа, телекомуникацискиот оператор T-Mobile си постави за цел да ги покрие сите овие места и тоа благодарение на партнерство со сателитскиот интернет сервис SpaceX на Елон Маск, за да им понуди на своите клиенти „дополнителен слој“ на мобилна услуга.
Мобилниот оператор исто така планира да ја прошири услугата за роаминг и до други места на глобално ниво, при што сателитската мрежа Starlink на SpaceX ќе обезбедува поврзување за луѓето ширум светот.
На настанот на кој беше најавена соработката, основачот на SpaceX, Елон Маск, упати отворена покана до операторите ширум светот да се приклучат на проектот и откри дека претстојната услуга – која ќе се потпира на новата, втора верзија на сателити Starlink – најверојатно ќе се појави следната година.
„Важната работа за ова е што тоа значи дека повеќе нема да има „мртви зони“ никаде во светот за вашиот мобилен телефон“, објасни Маск.
Според соопштението на компаниите, за да се обезбеди оваа услуга, тие ќе создадат нова мрежа која ќе се емитува од сателитите Starlink користејќи го средниот опсег на T-Mobile на национално ниво, овозможувајќи им на клиентите да уживаат во целосна покриеност речиси насекаде каде што можат да го видат небото.
Проектот ќе започне со ширење текстуална покриеност насекаде во континенталните САД, Хаваи, делови од Алјаска, Порторико и територијалните води, пред да продолжи со имплементација на гласовна и податочна покриеност.