Кинескиот технолошки гигант Tencent ги објави финансиските резултати за вториот квартал во годината, кои покажуваат дека компанијата се наоѓа во незавидна позиција.
Компанијата пријавила вкупни приходи во износ од 20 милијарди долари, што претставува пад од 3% во однос на минатата година. Оперативниот профит на компанијата паднал за 14% на 5.5. милијарди долари, додека пак приходите од онлајн огласување паднале за дури 18%.
„Интернет индустријата во Кина навистина се соочи со значителни промени и предизвици од почетокот на 2021 година. Kако резултат на тоа, нашите услови за приход станаа тешки и финансиските перформанси беа под притисок во последните неколку квартали“ – изјавил претседателот на Tencent, Мартин Лау, при презентирањето на резултатите.
Како реакција на негативните финансиски резултати, компанијата нјави план според кој ќе укине 5,000 работни места и ќе ги намали трошоците за маркетинг за 21%. Исто така, компанијата, наводно, е во преговори за продажба на својот удел од 24 милијарди долари во шопинг-платформата Meituan.
Кинеските технолошки компании се соочуваат со големи предизвици, пред сѐ поради забавениот раст на домашната економија, последиците од пандемијата на коронавирусот и заострувањето на регулаторниот надзор од државата.