Божиќните прослави ретко одат според планот, но токму неочекуваните ситуации можат да создадат најубави приказни. Ова е пораката на новата Божиќна кампања на ланецот супермаркети Tesco за британскиот пазар, насловена „The Wrong Address“, која преку емотивен филм ја истакнува вредноста на пријателството, добрината и малите гестови.
Приказната ја следи Лизи (Ана Максвел Мартин), која по грешка ја испраќа својата божиќна нарачка на стара адреса, оддалечена стотици километри. Возачот на Tesco, Поли (Роизин Конати), ѝ нуди да се сретнат на половина пат, но нивната средба прераснува во неочекувано патување и повторно зближување на две стари пријателки. Филмот е проследен со песната “Every Little Thing She Does Is Magic” од The Police.
Фелипе Серадорада Гимараеш, креативен директор на агенцијата BBH која стои позади кампањата, објаснува дека целта била да се создаде поголема филмска приказна што ќе ги спои хуморот, секојдневните ситуации и емоциите. Филмот е во режија на Стив Роџерс, со кинематографија на Бредфорд Јанг и монтажа на Рич Орик.
„Кога разговаравме со потрошувачите, слушнавме дека животот за многумина бил предизвикувачки на различни начини. Но, исто така, слушнавме дека Божиќ и понатаму им значи многу и дека луѓето ќе направат сè што можат за да им го направат посебен на оние што ги сакаат“ – изјави Алиша Саутгејт, директорка за маркетинг во Tesco. Таа додава дека компанијата ќе понуди празнични попусти, специјална храна и активности за семејствата.
Кампањата беше лансирана на 1 ноември преку социјалните мрежи и телевизија. Празничната програма ги вклучува и серијалот “Tesco Kitchen”, враќањето на “Santa’s Grotto” во продавниците и можноста купувачите со Tesco Clubcard да учествуваат во извлекување за едно од 30 семејни патувања во Лапонија. Пораката на Tesco е едноставна: Божиќ не мора да биде совршен за да биде посебен, бидејќи најважни се луѓето со кои го споделуваме.














