Home » Во фокусот » Тодор Стојчевски: И промоцијата бара балансиран пристап

Тодор Стојчевски: И промоцијата бара балансиран пристап

Автор: Тодор Стојчевски, директор на Агенција за односи со јавност Чептер 4 Македонија

Тодор Стојчевски

Сé во животот мора да има баланс. Дури и во промоцијата. Затоа што, премногу зборување и појавување во јавност – создава проблеми. Што вели еден познаник „страв ми е да го отворам и фрижидерот за да не ми се појави оној лик од телевизија“. Од друга страна, премалку појавување во јавност создава опасност да Ве заборават и да се изгубите „од радарот“. Затоа, за да ја решите оваа дилема, потребно е едноставно да одговорите на лесни прашања со малку потешки одговори: „колку е доволно да се појавувате“, „кога да се појавувате“, „зошто да се појавувате“, „каде да се појавувате“, „како да се појавите“ и што е најважно „што и колку да кажете“?

Професионалците во односите со јавноста се „лекари“ за вакви дилеми. Ние, при подготовка на еден документ, наречен Стратегија за комуникација, даваме конкретен и ефективен одговор на сите дилеми поврзани со Вашето (не)појавување во јавноста. Овој документ, меѓудругото, прави опис/анализа на ситуацијата (на проблемот или предизвикот), анализира што и како прави конкуренцијата (ако е потребно), дефинира комуникациски цели (кои треба да се постигнат), креира алатки (да се постигнат поставените цели), создава буџетска рамка (колку пари треба да се потрошат), создава мерливи параметри (врз основа на кои ќе процениме дали сме успешни при реализација на стратегијата) и што е најважно, прави временска рамка (кога што треба да се прави).

Ех, токму таа временска рамка, која понекогаш и се заборава во Стратегијата, според мене, го дава балансот меѓу потребата да бидете сеприсутни и потребата ефективно да се промовирате.

Затоа што, односите со јавноста советуваат континуирано, постојано и балансирано појавување во јавноста.

Оваа временска рамка кажува кога треба да се преземе одредена дефинирана активност. Да се разбереме, нема лош период за промоција во ниту еден период од годината. Но, има точно утврден период кога и што треба да се прави, што да се каже и што да се промовира. Затоа што, одредена активност во различни временски периоди, може да даде спротивни резултати.

Сепак, сé зависи која е Вашата цел – да Ве забележат што е можно повеќе луѓе (директна комуникација) или да добиете медиумско внимание (индиректна комуникација со јавноста). Пример, сте предвиделе да организирате настан за промоција на производ во август! Овој месец не е премногу препорачлив за организирање настани поради тоа што е топло и повеќето луѓе се на одмор. Доколку „мора“ да организирате настан токму во август, затоа што производот се однесува за летниот период од годината, тогаш направете го некаде блиску до плажа (каде што е Вашата публика) или организирајте го доцна навечер (кога заладува).

Од друга страна, овој месец е идеален за медиумско покривање на нова музичка нумера. Има малку настани, а медиумите имаат потреба од „свежи“ информации. Тогаш полесно ќе имате можност да ги „освоите“ медиумите. Но, за тоа дали треба да организирате настан во август и ако да, каде и како, оставете нека проценат експертите за односи со јавност. Нашиот професионален багаж ќе обезбеди баланс во Вашата промоција.

Или сте одлучиле да направите истражување. Повторно, летото не е добро за ваков вид активност поради временските прилики. Но, истражување на терен не е погодно да се прави и во текот на зимата поради ладното време. Затоа, направете баланс и одложете го истражувањето за подобри временски услови.

Има ситуации кога бараат брзо и малку „поагресивно“ реагирање. Веднаш и сега!!! За да бидете подготвени да реагирате веднаш и сега, притоа да „извојувате“ успех во непредвидената ситуација, потребно е добро да се подготвите. Според мене, подготовката е половина успех. Затоа, кога ќе работите на вашата стратегија за комуникации, предвидете го и овој сегмент – кризен ПР (односи со јавност во време на криза). Тој сегмент ќе Ви даде фундаментални, елементарни, предуслови како да се справите со одредена ситуација.

За жал, многу клиенти не веруваат дека нивната компанија или институција може да се соочи со кризна ситуација и воопшто не размислуваат за кризата. Но, за да го балансирате ударот и притоа, да имате балансирана комуникација со јавноста, направете кризен план за односи со јавноста. Бидете подготвени, на балансиран начин, да го изгасите секој пожар и не дозволувајте нештата да излезат од контрола.

Дури и во вакви ситуации, доколку сте пренападни, преагресивни во кампањите, небалансирано пристапувате кон комуникацијата, ќе си направите контра-услуга. Имено, сé што е премногу, „предизвикува главоболка“. И премногу појавување, ќе доведе до ситуација на одбивност кај јавноста. Затоа, советувам: балансиран пристап и во комуникациите.

Секако, промовирајте го она што го знаете и умеете. И како  единка и како компанија. Умерено, балансирано, промовирање значи ваше усогласување при промоцијата согласно квалитетот на информации што сакате и може да ги споделите со вашите целни групи. Не се појавувајте само колку да Ве има!!! Јавноста тоа знае да го процени. Или не се кријте доколку „во ракав“ имате вредни податоци за вашата јавност. Консултирајте ПР професионалци и „само напред“.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*

Marketing365 Marketing365 Marketing365