Твитер ја прошири својата политика на приватни информации, така што сега вклучува медиумска содржина и им забранува на корисниците да споделуваат фотографии и клипови на други корисници без нивна дозвола.
Твитер соопшти дека објавувањето такви фотографии и клипови може да ја наруши приватноста на другите луѓе и потенцијално да им наштети. Прекршувањето на овие правила може особено да им наштети на жените, активистите, дисидентите или припадниците на малцинските заедници.
Ако некој пријави фотографија или клип за кои тврди дека станува збор за прекршување на правилата, Твитер ќе ја отстрани таа медиумска содржина и ќе преземе акција за да ја намали видливоста на твитовите во репликите и резултатите од пребарувањето или ќе му нареди на лицето кое го објавило твитот да го отстрани. Твитер исто така има право да ги банира корисниците кои ги прекршуваат правилата.
Сепак, постојат исклучоци бидејќи правилата не се однесуваат за медиумските содржини на јавни личности или други лица, доколку фотографијата или видеото, како и текстот во твитот, се споделуваат во интерес на јавноста или ја зголемуваат вредноста на јавниот дискурс. Тоа значи дека содржината, доколку е информативна, ќе остане на платформата, а Твитер ќе ги земе предвид и факторите како што се достапноста на фотографиите на други платформи, ТВ или во весници.
Дополнително, ако целта на споделување приватни фотографии и клипови на јавни личности или оние кои учествуваат во јавни разговори е злоупотреба, заплашување или „замолчување“ некого, Твитер би можел да ја отстрани таа медиумска содржина. Правилата за навредливо однесување и голотија (одмаздничка порнографија) сè уште се во важност.
Твитер долго време забранува споделување приватни информации за други луѓе како адреси, телефонски броеви, идентификациски и финансиски информации. Исто така, не им дозволува на корисниците да ги заплашуваат другите со закана дека ќе објават такви информации. Компанијата веќе спроведува нови правила како дел од мерките насочени кон заштита на стандардите за безбедност и човекови права.