Твитер започна програма наречена Birdwatch, а нејзината задача е да ги проверува фактите во објавите на оваа социјална мрежа, со цел да се обележат содржините што содржат дезинформации. Проверката на фактите во рамките на Birdwatch ја спроведуваат самите корисници.
Засега, станува збор за пилот програма во која се вклучени околу 1.000 американски корисници за почеток, а тие ќе можат да објавуваат коментари на објавите на Твитер за да им дадат контекст.
Моментално, корисниците кои учествуваат во програмата можат да пишуваат коментари на индивидуални објави, но тие белешки нема да се гледаат јавно на Твитер, туку исклучиво Birdwatch интернет страниците. Исто така, корисниците на програмата Birdwatch ќе можат да ги оценуваат коментарите на другите учесници на овие веб-страници.
🐦 Today we’re introducing @Birdwatch, a community-driven approach to addressing misleading information. And we want your help. (1/3) pic.twitter.com/aYJILZ7iKB
— Twitter Support (@TwitterSupport) January 25, 2021
„Веруваме дека овој пристап има потенцијал брзо да одговори на ширењето на дезинформации, обезбедувајќи контекст во кој луѓето можат да веруваат и да го ценат, изјави потпретседателот на Твитер, Кит Колман, во објава на блогот на Твитер.
Тој додава дека Твитер со текот на времето ќе ги направи белешките видливи и на самата платформа.
Од Твитер, тврдат дека разговарале со повеќе од 100 луѓе од различна политичка ориентација, кои им рекле дека коментарите на Birdwatch обезбедуваат корисен контекст и подобро разбирање на објавите на Твитер.
Пријавите за Birdwatch се можни, но моментално само за корисниците на САД.