Телекомуникациско-медиумската групација United Group се наоѓа во напредна фаза на барање купувач за бугарската телевизија „Нова“, чија вредност се проценува на над 400 милиони евра. Меѓу кандидатите во финалниот круг, американската мрежа Newsmax се издвојува како главен фаворит.
Телекомуникациската и медиумска групација United Group се наоѓа во напредна фаза од процесот за продажба на бугарската телевизија „Нова“, објави бугарскиот бизнис-портал Capital.bg. Според достапните информации, се очекува официјалните понуди од заинтересираните страни да бидат поднесени во рок од еден месец, додека финансиската проценка на телевизијата надминува 400 милиони евра.
Доколку трансакцијата биде завршена до крајот на 2026 година, ова ќе претставува трета промена на сопственикот на телевизија „Нова“ во последните седум години. Во финалната фаза од изборот се останати три кандидати, при што американската медиумска компанија Newsmax се посочува како главен фаворит за преземање на бугарската телвизија.
Покрај Newsmax, во финалниот круг од преговорите учествуваат и инвестицискиот фонд Integral, како и грчката медиумска групација Antenna. Од друга страна, фондот Gemcorp на бизнисменот Атанас Бостанджиев, кој исто така преговарал за купување на фудбалскиот клуб „Левски“, отпаднал од трката за медиумската компанија.
Во рамките на извештаите за интересот на американскиот медиум, се наведува дека основачот на Newsmax, Кристофер Ради, на крајот од мај остварил неофицијална посета на Бугарија и се сретнал со премиерот Румен Радев. Сепак, сите информации за евентуалната продажба засега се засноваат на неофицијални извори, а сопственикот United Group и компанијата Newsmax сè уште немаат излезено со официјални потврди или изјави за процесот.































