По шест месеци интензивна работа, успешно заврши проектот „Работилница за виртуелна продукција”, реализиран со поддршка на British Council во рамките на програмата WB–UK Creative Skills Development Fund. (Фонд за развој на креативни вештини на Западна Балкан – Обединето Кралство) во соработка со тренинг центарот VFXNеst, Cinesite UK и FX3X од Македонија.
Проектот имаше за цел да ги доближи најсовремените технологии за виртуелна продукција до домашната филмска индустрија и да создаде простор за практична едукација, размена на знаење и професионална соработка. Во текот на проектот учествуваа повеќе од 70 учесници, меѓу кои искусни професионалци од македонската филмска индустрија, но и голем број млади сегашни и идни филмски професионалци на возраст до 30 години.
Во рамките на работилницата беа реализирани пет видео продукции со користење на технологија за виртуелна продукција. Во рамките на проектот се изработија, два кратки филма, сцени од два долгометражни филмови и еден музички спот. Секој проект помина низ целосен процес – од развој на сценарио и креирање виртуелни сценографии, до снимање во LED студио со примена на современи виртуелни продукциски работни процеси.
Во текот на проектот, учесниците работеа под менторство на домашни и меѓународни експерти, стекнувајќи практично искуство во користење на најновите технологии кои сè повеќе ја обликуваат иднината на филмската и аудиовизуелната индустрија. Посебен придонес дадоа експертите од Обединетото Кралство, кои преку менторство и специјализирани едукативни материјали овозможија пренос на современи знаења и добри практики.
Еден од најзначајните резултати на проектот е поврзувањето на младите таленти со докажани професионалци од индустријата, создавајќи основа за идни соработки и понатамошен развој на виртуелната продукција во Македонија. Покрај реализираните продукции, проектот остави и трајни едукативни материјали кои ќе бидат користени за обука на идните генерации филмски професионалци.
Со успешната реализација на проектот, Македонската филмска продукција направи уште еден значаен чекор кон модернизација и усвојување на нови иновативни технологии во продукцијата. Оваа работилница ја потврди заложбата на Македонската филмска продукција за современ и конкурентен пристап во глобалната филмска и креативна индустрија.
Фондот за развој на креативни вештини Западен Балкан – Обединето Кралство (WB–UK Creative Skills Development Fund) е дел од Програмата за креативна економија на Британскиот совет, глобална иницијатива осмислена за зајакнување на културните и креативните индустрии преку фокус на развој на политики, истражување, застапување и градење капацитети.

















