Најновиот извештај на агенцијата за маркетиншки истражувања Валикон, Valicon Consumer Insight, за првиот квартал од 2026 година, открива длабок економски јаз во Јадранскиот Регион. Додека Словенија и Хрватска ги покажуваат првите знаци на економска стабилност, пазарите како Македонија и Црна Гора се соочуваат со рекордно ниско ниво на финансиска стабилност.
Регионален јаз: Помеѓу оптимизмот и кризата на доверба
Истражувањето го мери расположението на јавноста преку три клучни показатели: Ниво на нормалност, финансиски статус и ниво на потрошувачка.
Словенија и Хрватска: Враќање на оптимизмот
- Словенија: Бележи силен позитивен тренд. Индексот на нормалност е зголемен за 9 поени на годишно ниво. Иако има благ квартален пад кај финансиската состојба и потрошувачката, годишната споредба укажува на стабилен раст.
- Хрватска: Доживува уште позабележително закрепнување. Индексот на нивото на нормалност е зголемено за 17 поени во споредба со минатата година, додека нивото на потрошувачка е зголемено за 15 поени. Кварталните податоци покажуваат општ нагорен тренд во сите категории.
Србија, БиХ и Косово: Знаци на стабилизација со доза на претпазливост
- Србија: Покажува силни знаци на стабилизација со значителен квартален скок кај трите индекси (ниво на нормалност +18, финансиски статус +21 и ниво на потрошувачка +17). Сепак, и покрај овој раст, сите индекси сè уште се во негатива.
- Босна и Херцеговина: Забележано е значително годишно закрепнување во сите области. Иако ова е позитивен сигнал, кварталниот скок е помалку изразен, што укажува на тоа дека довербата на потрошувачите се враќа постепено од многу ниска основа.
- Косово: Има знаци на стабилизација, особено кај потрошувачката. Сепак, финансиската состојба останува нестабилна, а потрошувачите и понатаму се претпазливи.
Македонија и Црна Гора: Рекордно ниска стабилност
Состојбата на овие два пазари е најкритична во целиот регион.
- Македонија: Финансискиот песимизам се продлабочува (Индекс на финансискиот статус -31), додека нивото на потрошувачка (-54) е најниско во целиот регион.
- Црна Гора: Финансискиот статус (-36) и нивото на потрошувачка (-47) ги достигнаа најниските точки откако се спроведува истражувањето.
Главни причини за загриженост: Трошоците за живот и актуелните политички настани
- Инфлацијата останува грижа број 1 во целиот регион. Во Македонија (77%) и Косово (73%), речиси три четвртини од населението е сериозно загрижено за постојаниот раст на трошоците за живот. Наспроти нив, Словенија е пазарот каде што граѓаните се најмалку загрижени – само половина од населението пријавило висок степен на загриженост.
- Актуелни домашни политички настани: Највисоко ниво на загриженост е забележано во Србија, каде што половина од населението (50%) е многу загрижено за актуелните домашни политички настани. Најнизок процентна загриженост е забележан во Хрватска (28%). Значителни промени се случија во Косово, каде што загриженоста за политиката падна од 56% на крајот на минатата година на само 33% во првиот квартал од 2026 година. Македонија е единствениот пазар каде што загриженоста постојано расте, достигнувајќи 42% во првиот квартал од 2026 година.
„Паметното купување“ како постојан животен стил
Штедењето се промени од привремена реакција во постојан животен стил за мнозинството граѓани во Јадранскиот Регион.
Промени во потрошувачкото однесување: Приближно 70% од испитаниците во Македонија, Црна Гора и Косово сега пазаруваат почесто во дисконтни продавници. Освен во Босна и Херцеговина (51%), пазарувањето во дисконтни продавници, го практикуваат над 60% од потрошувачите. Оваа слика е силно присутна и на поразвиените пазари како Словенија и Хрватска.
Способност за штедење: Словенија е единствениот пазар каде што значителен дел од населението (42%) го одржува своето ниво на заштеди. Во Македонија (32%) и Црна Гора (32%), го гледаме највисокиот удел на оние кои веќе воопшто не можат да заштедат дополнителни средства. Косово се издвојува со најголем удел на граѓани кои ги зголемиле своите заштеди (18%), но истовремено во оваа земја има и висок удел на оние кои престанале да штедат — над една петтина.
Опаѓање на квалитетот на животот по 2020 година
Мнозинството граѓани во регионот веруваат дека нивниот квалитет на живот денес е полош отколку во периодот пред 2020 година. Ова чувство е најизразено во Македонија (60%), Србија (55%) и БиХ (53%). Косово останува значаен исклучок, каде 37% од испитаниците сметаат дека нивниот живот денес е подобар во споредба со периодот пред 2020 година.
Целосниот извештај VALICON Consumer Insight Report_Q1 2026, кој содржи детални анализи за сите пазари во Јадранскиот Регион, е достапен на следниот ЛИНК.
Со оглед на актуелните глобални нестабилности, следниот извештај ќе понуди поширока перспектива за тоа дали кревката доверба на потрошувачите во регионот може да се одржи или дали надворешните притисоци повторно ќе ја забават најавената стабилизација.
***
Методологијата:
Истражувањето е спроведено преку онлајн анкета со помош на веб-панелот Opinia.Club.
Период на aнкетирање: 18 – 21 февруари 2026 година.
Големина на примерок: СЛО (n=511), ХРВ (n=510), БиХ (n=505), СРБ (n=524), КОС (n=484), ЦГ (n=291), МКД (n=457).
Целна популација (возраст): Од 18 до 75 години.
Метод на примерок: репрезентативен примерок од општата популација во секоја земја.
Истражувањето е независно и не е финансирано од ниту една компанија, поединец или организација.





















