Овогодинешниот 29. Меѓународен фестивал на креативноста Golden Drum, се враќа на своите корени, на својата креативна суштина, назад кон основите. Со можноста да се поврзат повторно со своите корени засадени години наназад, кои што им помогнале да растат креативно, органзиторите на фестивалот сметаат дека е само фер тој да се врати во родниот град, местото од каде што започнало сé – словенечки Порторож.
„Golden Drum е познат како најпријателскиот фестивал, но и најприземениот. Во организација на Словенечката огласувачка комора која е непрофитна организација, фестивалот се фокусира на креативноста, соработката и неверојатната почит кон секој поединец или компанија во оваа индустрија и пошироко. А, бидејќи желбата на заедницата на „барабанџии“ да го врати фестивалот во хотелот Бернардин беше толку силна, ние го остваривме тоа. На 9 октомври повторно ќе се сретнеме во прекрасниот јадрански крајбрежен град Порторож за да ги славиме најдобрите во регионот. Со нетрпение очекуваме да продолжиме да ги зајакнуваме талентот и креативноста во регионот и заедно да создадеме глобално релевантни идеи кои ќе ја трансформираат нашата перспектива, но и бизнисот на клиентите на подобро“ – истакнува Мојца Бришчик, претседателка на фестивалот.
Новиот визуелен идентитет за овогодишниот Golden Drum ги користи природните елементи што го опкружуваат: морето, сонцето и јадранскиот цвет, предизвикувајќи нé да се нурнеме во нив. „Овие едноставни, но важни микроелементи се клучни за наоѓање рамнотежа помеѓу минатото и сегашноста, создавајќи уникатен поглед во иднината“ – објаснуваат од Golden Drum.
Официјалната типографија се фокусира на две основни бои кои нé потсетуваат на летото: жолтата – која симболично го претставува сонцето и свежата креативност; и сината – која симболично го поврзува фестивалот со морето и крајбрежниот град Порторож.
„Повеќеслојните дизајни се создадени за да ги истражат длабочините на тридимензионалното во дводимензионален простор. Овие трансформативни визуелни елементи се засноваат на јасна и минималистичка фотографија и типографија со малку или никакви графички елементи кои би можеле да го одвлечат вниманието од основната порака на нашиот фестивал – важноста на креативноста и улогата што ја игра во обликувањето на нашиот свет“ – посочува Марко Клемен, арт директор во агенцијата DROM, која веќе четврта година по ред го креира имиџот на фестивалот.
Конкурсот за пријавување кампањи за натпреварувачкиот дел на фестивалот ќе биде отворен во март.