Американскиот гигант за безалкохолни пијалаци Coca-Cola најави глобална ревизија на своите медиски, податочни и технолошки операции на повеќето од своите клучни меѓународни пазари, означувајќи важен чекор во напорите на компанијата дополнително да ги зајакне своите маркетиншки капацитети и да се подготви за предизвиците на иднината.
Процесот ќе го координира консултантската компанија Mediasense и се очекува во него WPP Open X да ја брани својата позиција како глобален медиски партнер на Coca-Cola во конкуренција со Publicis Groupe. Ревизијата се совпаѓа со рокот за обнова на петгодишниот договор меѓу Coca-Cola и WPP Open X, кој започна во 2021 година. Глобалната креативна продукција и односите со јавноста не се дел од процесот на ревизија и засега ќе останат под водство на WPP Open X.
Најавениот процес на медиска ревизија следува по значајното поместување од 2025 година, кога Publicis Groupe ги презеде медиското планирање и закуп на Coca-Cola во Северна Америка. И покрај тоа, Coca-Cola продолжи да соработува со WPP Open X на глобално ниво, задржувајќи го партнерство кое имаше клучна улога во обликувањето на маркетинг-стратегијата на компанијата во изминатите години.
Од WPP изразија уверување во цврстината на партнерството и ја поздравија можноста да учествуваат во процесот за обнова на договорот. Компанијата го истакна својот интегриран пристап кој ги обединува медиумските услуги, анализата на податоци, вештачката интелигенција и технолошките решенија со цел поддршка на растот на Coca-Cola на глобалните пазари.
Откако во 2021 година стана глобален маркетинг партнер на Coca-Cola, WPP преку специјализираниот тим наречен Open X обезбедува креативни, медиски и аналитички услуги за широкото портфолио на брендови на компанијата. Глобалниот маркетинг директор на Coca-Cola, Мануел Аројо, претходно ја опиша соработката со Open X како прв маркетиншки модел со отворена структура во индустријата и истакна дека партнерството придонело за обликување на иднината на маркетингот преку иновации, соработка и примена на ВИ технологии.
Од Publicis одбиле официјално да го коментираат отпочнатиот процес. Меѓутоа, според магазинот The Drum, може да се очекува дека компанијата ќе ги истакне своите силни страни во областа на податочниот маркетинг, односно пристапот кон обемна база на идентификациски податоци за потрошувачите, како и својата силна ВИ инфраструктура – дополнително зајакната со неодамнешната аквизиција на LiveRamp во вредност од 2,2 милијарди долари.
Се претпоставува дека Publicis исто така ќе ја промовира и тезата дека поцентрализиран агенциски модел, управуван преку интегрирани платформи, е подобро прилагоден на ерата на агентскиот маркетинг отколку традиционалната мрежна структура на холдинг-компаниите.
Според најавите, процесот на ревизија најверојтно ќе започне во јули, додека конечната одлука се очекува да биде донесена во текот на есента.















