Пред неполна недела објавивме дека британската холдинг-компанија WPP ја купи агенцијата за инфлуенсер маркетинг Goat. Тогаш генералниот извршен директор на групацијата, Марк Рид, изјави дека: „инфлуенсер маркетингот претставува клучен приоритет за раст за целата индустрија, вклучително и за WPP“.
Покажувајќи дека се потполно сериозни и посветени кон зацртаната определба, WPP продолжува со ширење на својата мрежа за инфлуенсер маркетинг со новата аквизиција на агенцијата Obviously. Се работи за агенција со над 100 вработени и канцеларии во Њујорк, Сан Франциско и Париз, опслужувајќи клиенти како Ford, Amazon, Lyft, Converse и Panda Express.
По аквизицијата, Obviously ќе биде интегрирана во рамки на агенцијата VMLY&R предводена од Џон Кук, кој објасни: „Внесувањето на Obviously во нашето семејство на VMLY&R е јасна победа бидејќи клиентите бараат поинтелигентна употреба на податоците и испорачување опипливи резултати во инфлуенсерскиот простор. Технолошките и податочни услуги на Obviously се многу иновативни и нивната способност да испорачуваат голем обем на содржини на брз и ефикасен начин на секој јазик ги прави веќе подготвени за работа на глобално ниво.“
Ггенералниот извршен директор на WPP, Марк Рид, додаде дека аквизицијата на Obviously „носи исклучителен опсег на глобални услуги за инфлуенсер маркетинг и технолошка платформа од светска класа која дополнително ќе ја зајакне нашата понуда за клиентите“.
Коментирајќи за приклучувањето на нејзината агенција кон WPP, генералната извршна директорка на Obviosly, Мае Карвовски, истакна: „Оваа аквизиција е најдоброто од двата света: ја задржуваме нашата агилна и претприемничка култура, а истовремено ќе имаме придобивка од длабочината на искуството и глобалното ниво на VMLY&R, што ќе резултира со забрзан раст за сите. Не би можеле да бидеме повозбудени да се приклучиме кон мрежата на WPP“.