Home » Digital » YouTube обвинет за нелегално собирање податоци за деца

YouTube обвинет за нелегално собирање податоци за деца

Организацијата за заштита на правата на децата во САД поднесе жалба до Федералната комисија за трговија во САД во која укажуваат на количината на содржини за деца кои YouTube ги сервира на малолетните лица помлади од 13 години заедно со рекламите

YouTube во САД се соочува со сериозни обвиненија од активистите за заштита на правата на децата, кои во жалбата поднесена до Федералната комисија за трговија на САД навеле дека оваа платформа за споделување на видео записи, незаконски собира податоци за децата и им сервира реклами на корисниците на возраст под 13 години. Дваесет и три организации за заштита на децата, потрошувачите и приватноста, потпишаа претставка во која тврдат дека матичната компанија Alphabet свесно им овозможува на децата на возраст под 13 години да ги користат нивните услуги, собирајќи податоци за нив, како што се локација, историја на пребарување и телефонски броеви и без да добијат согласност од родителите.

Campaign for Commercial-Free Childhood, една од потписниците на петицијата, наведува дека YouTube е “најпопуларна онлајн платформа за деца во САД” и тврди дека 80% од децата на возраст од 6-12 години редовно ја користат оваа платформа.

Џош Голин, извршен директор на Campaign for Commercial-Free Childhood, вели: “Со години, Google ја занемарува својата одговорност кон децата и семејствата, неискрено тврдејќи дека нивната услуга YouTube, која е полна со популарни цртани филмови, детски песни и реклами за играчки, не е за деца помлади од 13 години. Google неизмерно профитира со испораката на реклами за деца и мора да се придржува кон прописите за заштита на приватноста на децата на интернет. Време е Федералната комисија за трговија во САД да го повика Google на одговорност за нелегално собирање податоци и рекламирање.”

Коментирајќи ја жалбата, портпаролот на YouTube кратко изјави: “Иако не сме ја добиле жалбата, заштита на децата и семејствата отсекогаш е приоритет за нас. Темелно ќе ја прочитаме оваа жалба и ќе процениме дали има простор за подобрување. Бидејќи YouTube не е за деца, значително инвестиравме во креирањето на апликацијата YouTube Kids, со цел да понудиме алтернатива специјално дизајнирана за деца.”

Во 2015 година, Google лансираше посебен канал YouTube Kids, кој е дизајниран да им обезбеди на децата само реклами и содржини прилагодени на нивната возраст, со цел да ги задоволи критичарите.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.

Marketing365 Marketing365 Marketing365