Американската актерка Кортни Кокс, која се стекна со слава по улогата на Моника во телевизиската серија „Пријатели“, го имаше своето режисерски деби во адвертајзингот со рекламата “Live a Little” („Живеј малку“) за винаријата Clos du Bois од Калифорнија, САД.
Спотот претставува најновото продолжение во кампањата “Long Live” (буквално „Живеј долго“, преносно „Да живее!“), која ги слави луѓето над 50 години кои го живеат својот живот до максимум, неоткажувајќи се од забавата, уживањето и новите искуства.
Во спотот гледаме „баби“ и „дедовци“ кои танцуваат, возат ролери, позираат голи, јаваат коњи и секако – уживаат во вината на Clos du Bois. Според компанијата, постојат многу возрасни луѓе кои живеат возбудливи и динамични животи и тоа треба да биде одразено во маркетинг кампањите.
„Некои луѓе велат дека оние кои пијат шардоне се стари. Велиме, на здравје за тоа! Clos du Bois. Да живее!“ – се истакнува во описот на новата реклама.
Рекламата е создадена со помош на креативната агенција Ogilvy.