Програмскиот совет на Македонската радио-телевизија донесе одлука со која го избра Зоран Ристоски – Ѓуза за нов прв човек на јавниот медиумски сервис. Ристоски е дипломиран правник од Скопје, со повеќе-децениско работење во домашната медиска и маркетинг индустрија, долги години прв човек на Друштвото за глобални комуникации ГРЕЈ – ВОРЛДВАЈД ЛТД ДОО Скопје.
За Ристоски гласале 12 од 13 членови на Советот. Како што објавија дел од медиумите, останати кандидати кои претендирале за директорската позиција биле и Тони Гламчевски, Искра Ребац, Перо Попов, Зоран Богатинов, Сотир Сотировски и Игор Себишки.
Програмскиот совет појаснува дека изборот за раководната позиција се одвивал според специфичен принцип на анонимност: сите програми за работа биле доставени под шифра, без членовите на Советот да имаат увид во идентитетот на кандидатите. Потоа, откако била избрана програмата за работа со најголем број на гласови, се соопштил идентитетот на кандидатот кој ја поднел по што била извршена проверка на исполнувањето на законските услови и комплетноста на доставената документација.
Ристоски доаѓа на позицијата на местото на досегашниот директор Марјан Цветковски кој раководеше со МРТ во неколку мандати.
За денеска е предвиден избор на заменик директор на МРТ, а според информациите кои проструија во медиумите пријавени се десетина лица.























