Фреди Меркјури не го дал само својот глас на легендарната рок група Queen, туку го дизајнирал и нивниот „кралски“ амблем. Меркјури студирал Арт и Дизајн на тогашниот Ealing Art College, сега познат како Ealing Campus of University of West London, со што бил и најсоодветната личност да го дизајнира логото на својата група.
Познат како „Queen’s crest“ („Грбот на кралицата“ во буквален превод), амблемот прв пат се појави на задната страна од омотот на првиот албум на Queen како едноставна линиска илустрација. Со текот на времето, грбот бил исполиран и станал широко препознатлив „кралски“ амблем кој е исто толку значаен, како и самото име на групата.
Логото е составено од хороскопските знаци на четворицата членови на групата: два лава кои го претставуваат знакот Leo на тапанарот Роџер Тејлор и басистот Џон Дикон, рак кој го претставува знакот Cancer на гитаристот Брајан Меј и две мали самовили кои го претставуваат знакот Virgo на вокалот Меркјури.
Во центарот се наоѓа Q-монограмот со круна помеѓу двата лава, додека пак горе се наоѓа митската птица феникс, симбол на вечниот живот, која го надгледува целиот грб.
Во целина, грбот во голема мера потсетува на елегантниот кралски грб на Велика Британија, државата од каде што потекнува интернационално популарната група.
За жал, сцената за потеклото на логото беше отфрлена од крајната верзија на новиот филм Bohemian Rhapsody кој ја раскажува приказната за бендот, па се надеваме дека ќе се појави на некоја Blu-ray или DVD проширена верзија.