Кога Apple ги претстави своите промени во конфигурацијата за заштита на приватноста на нивниот оперативен систем за паметни уреди, ефективно ја намали можноста за следење и таргетирање на корисниците преку различни апликации.
Голем број компании, пред сé социјални мрежи на чело со Фејсбук, најпрво негодуваа, па после многу тешко се снаоѓаа со надминување на предизвиците што им ги наметна промената на Apple – доведувајќи до намалување на приходите, па дури и загуба.
Сега се чини дека може да следи уште еден голем удар, овој пат од Google. Имено, компанијата ги соопшти своите планови за имплементирање на слична политика за приватност (“Privacy Sandbox“) за уредите кои го користат нивниот оперативен систем Android.
Од Google, по повод новите промени, посочија дека „овие решенија ќе го ограничат споделувањето на кориснички податоци со трети страни и ќе оперираат без меѓу-апликациски идентификатори“.
Сепак, промената нема да дојде преку ноќ. Од компанијата уверуваат дека ќе продолжат да ги поддржуваат постојните огласувачки идентификатори, барем во наредните две години. Односно, ќе им остават време на огласувачите да се адаптираат кон новите промени.
„Нашата цел со Privacy Sandbox на Android е да развиеме огласувачки решенија кои се ефективни и ја заштитуваат приватноста, каде корисниците ќе знаат дека нивните информации се безбедни, а девелоперите и бизнисите ќе ги имаат алатките за да успеат во мобилниот свет“ – истакнуваат од Google.