Германскиот бренд на автомобили BMW ја објави својата нова кампања за американскиот пазар насловена “Talkin’ Like Walken“ („Зборувајќи како Вокен“), во која главната улога ја толкува легендарниот холивудски актер Кристофер Вокен.
Во централниот спот на кампањата, наменет за емитување на претстојниот Super Bowl, го гледаме Вокен во разни ситуации во кои луѓето со кои стапува во интеракција го имитираат неговиот говор и манеризми – што секако не е пријатно. Меѓутоа, според рекламата, никој всушност не може да ја долови суштината на Вокен, освен самиот Вокен.
Па така, како што Кристофер Вокен е единствен, така и новиот електричен автомобил BMW i5 е единствената „врвна машина за возење“, а сè друго се само имитатори – како што се вели на крајот од рекламата.
Во спотот накратко се појавува и R&B ѕвездата Ашер, кој што ќе настапува за време на полувременското шоу на претстојниот Супер Боул во Лас Вегас.
Кампањата се реализира во соработка со креативната агенција Goodby Silverstein & Partners.