Телекомуникацискиот оператор A1 Bulgaria ја претстави својата прва голема огласувачка кампања изработена со помош на вештачка интелигенција. Кампањата вклучува реклама што раскажува семејна приказна сместена во свет обликуван од современите технологии.
Кампањата е создадена од тим специјалисти за вештачка интелигенција. Имено, со помош на ВИ технологии биле изработени режијата, ликовите, локациите, видеата и визуелните елементи на кампањата. Креативниот концепт е дело на агенцијата Huts Group, а продукцијата ја реализирало студиото FoidHub од Дубаи.
Рекламниот спот започна да се емитува на бугарските национални телевизии и на дигиталните платформи од 17 јули, отворајќи поширока дебата за иднината на огласувачката индустрија.
Како што компаниите бараат побрзи и поекономични начини за изработка на кампањи, така вештачката интелигенција започнува значително да ја менува улогата на традиционалните адвертајзинг професионалци.




















