Како што привршува тековната година, дизајнерите и креативците ширум светот веќе го насочуваат погледот кон иднината, предвидувајќи ги боите, формите и стиловите што ќе ја дефинираат новата 2024 година. Меѓу нив и платформата за графички дизајн Canva ги претстави своите предвидувања за трендовите кои ќе ја одбележат колективна креативност на нивната заедница од 170 милиони корисници.
„Врз основа на растечката популарност на елементите во нашата библиотека на содржини, трендовите на пребарување и новите обрасци меѓу нашата глобална база на корисници и увидите од нашиот внатрешен дизајнерски тим, ги идентификувавме врвните пет дизајнерски трендови кои се очекува да бидат големи во 2024 година“ – посочуваат од Canva.
Предвидените пет дизајнерски трендови на Canva за 2024 година се:
- Пикселација: Прецизно, но разиграно
Со корени во технолошката естетика, пикселацијата се заснова на прецизно, но разиграно изразување. Овој тренд на графички дизајн ќе се иснпирира од класичните компјутерски анимации кои евоцираат чувство на комфорт и носталгија.
Пикселираните илустрации не се ништо ново во креативниот свет, но тие еволуираа со возбудливи додатоци како пикселирана типографија, интригантни аранжмани на ликовните елементи и инвентивна употреба на мрежи.
Пикселацијата станува сè попопуларен тренд, со 126% раст на пребарувањата на Canva во 2022 година и дополнителни 179% во 2023 година.
Од Canva им предлагаат на своите корисници да експериментираат со визуелни елементи категоризирани под клучните зборови како “8-bit”, “arcade”, “nostalgic”, “pixel art” и “pixelated”.
- Тек и форма: Органското се среќава со геометриското
Таканаречаната „Flow & Form“ е интригантна комбинација на геометриски и органски форми која прави импакт со само неколку контури. Едноставен, експресивен и апстрактен, овој тренд е разигран, но може да биде и моќен. Можете да го забележите во апстактната уметност, во флуидниот минимализам на ѕидните мурали, како и кај младешките брендови кои сакаат да ги привлечат срцата и да го променат мислењето на луѓето.
Спојот на динамични форми со избалансирани светли бои создава волшебна алатка за визуелна комуникација. Флуидните органски облици ќе продолжат да доминираат во амбалажите и визуелните идентитети на брендовите, формирајќи композиции и врамувајќи текст или фотографии, а паметната употреба на забавни и преувеличени геометриски елементи му дава на секој бренд еден разигран, но современ изглед.
Овој тренд останува популарен стил, со раст во пебарувањата од 27% во текот на минатата година. Доколку користите Canva, пребарувајќи елементи со клучни зборови како: “blob”, “minimalist”, “organic”, “outline”, “scribble” и “shapes”.
- Колаж во движење: Променете ја вашата перспектива
„Колажот во движење“ влече инспирација од културата на фан-магазини и рачно изработени фото-дневници. Тоа е секогаш популарниот тренд на колажи, но во ново руво – бидејќи ништо не ја плени публиката како движењето, а овој тренд е олицетворение на привлекувањето внимание.
Од Canva предвидуваат дека овој тренд во дизајнот ќе преовладува во креацијата на видео содржини во 2024 година, вкоренет во нашата општа потреба да ги зачуваме сеќавањата за минатото во новиот свет кој брзо се движи и постојано се менува.
Пребарувањата за термините “cut out” и “scrapbook” пораснале на Canva за 249% и 173% во текот на оваа година. Други термини кои го доловуваат овој тренд се: “animated”, “collage”, “maximalism”, “movement” и “zine”.
- Надреализам: Оставете го реалниот свет зад себе
Инспирирани од истоменото уметничко движење во 20 век, надреализмот повторно станува популарен кај луѓето за да го предизвика нивниот поглед на светот. Уметноста на фантазијата, етеричните дизајни и потсвесните асоцијации се наоѓаат во сржта на овој тренд – подгответе се да избегате од реалноста и да замислите нова.
Надреализмот е фантастично бегство од денешната, понекогаш тешка, реалност. Тој особено резонира со младата Генерација Z која сака дигитални содржини кои се намерно „откачени“ или „бизарни“, создавајќи неочекувани компарации и предизвикувајќи чувство на некаков „туѓ свет“ или на нешто „чудно“ – што можеби веќе сте го забележале во некои од најновите модни трендови и кампањи. Денешната помлада генерација го вреднува личниот идентитет, индивидуалноста и експресионизмот, што со себе носи визуелни елементи кои се неконтролирани и неконформистички – а брендовите и организациите веќе обрнуваат внимание на сето тоа.
Сето ова го поткрепуваат и бројќите – пребарувањата на Canva за клучните зборови “dreamy”, “ethereal” и “fantasy” пораснале за 114%, 60% и 80% во текот на оваа година.
- Смело ребрендирање
Смелиот брендинг се враќа во 2024 година. Размислувајте во насока на живописни, флуоресцентни палети на бои и заоблени sans-serif фонтови кои канализираат чувства на позитивност, забава и оптимизам.
Смелите типографски системи и неонските нијанси на боја како „сајбер-лимета“ ќе заземат централно место, станувајќи фокусни точки и основни елементи на дизајнот. Боите кои предизвикуваат лачење на допамин ќе бидат креативно комбинирани со специјално изработени фонтови, внесувајќи свежа динамика и ритам во визуелните идентитети на брендовите.
Од Canva предвидуваат голем број ребрендирања на големи компании, затоа што ќе сакаат да ја привлечат новата генерација. А, како што дизајнот станува се подемократизиран, користењето менливи или специјално изработени фонтови ќе им овозможи на брендовите да се издвојат во презаситениот пазар. Смелите избори можеби се сметаат за ризични, но овие денови тие се неопходни за пробување низ „вревата и метежот“.
Пребарувањата од корисниците на Canva за термини како “lively” и “vivid” експлодирале оваа година, со неверојатен раст од 32000% и 19000%. Во рамки на истиот тренд ќе бидат корисни и пребарувањата на клучни зборови како: “bold”, “bright”, “electric”, “neon”, “sansserif” и “vibrant”.