Компанијата за маркетинг технологии Epsilon, дел од Publicis Gorupe, го именуваше Мет Симпсон за генерален директор за меѓународен развој – позиција што се воведува со цел да се забрза растот на компанијата на светските пазари. Симпсон ќе биде задолжен за развојот на услугите поврзани со податоци, дигитален идентитет, медиуми и технологии, како и за нивно приспособување кон потребите на клиентите во различни земји.

Тој ќе работи од Лондон и тесно ќе соработува со раководните тимови на Epsilon и Publicis Groupe. Неговата задача ќе биде да ја координира меѓународната стратегија и да ја зајакне соработката меѓу компаниите и агенциите во рамките на Publicis Groupe, со цел подобро да ги поврзат своите услуги и да понудат поефикасни маркетиншки решенија. Симпсон ќе одговара директно пред извршниот директор на Epsilon, Шон Рирдон.
Симпсон доаѓа од Omnicom Media Group, каде што ја извршувал функцијата извршен потпретседател и директор за дигитални операции. Тој има повеќе од 25 години искуство во дигиталните медиуми, маркетингот и развојот на технолошки решенија. Во текот на кариерата работел на подобрување на медиумското планирање и закупување, поврзување на тимови од различни пазари и развој на стратегии за подобри деловни резултати.
Неговото именување следува по неколку нови кадровски засилувања во раководството на Epsilon во САД. Меѓу нив се Мајкл Чок, кој е именуван за директор за раст, Ент Мекдона, кој ќе раководи со Epsilon Digital, и Кетлин Дандас, новата директорка за решенија. Со овие промени, компанијата има цел дополнително да ги зајакне своите капацитети во областа на податоците, дигиталните медиуми и технологијата.
Извршниот директор Шон Рирдон смета дека искуството на Симпсон ќе помогне меѓународните можности на компанијата да се претворат во конкретни решенија за клиентите. И самиот Симпсон истакнува дека приоритет ќе му биде да ги препознае областите во кои Epsilon може да донесе најголема вредност, а потоа успешните решенија да ги прошири на повеќе пазари. Целта е подобро користење на податоците и технологијата за поуспешни маркетиншки активности.













