ЕУ се подготвува да реагира против непропорционалната количина на британска телевизиска и филмска содржина која се прикажува во Европа после Брегзит.
Велика Британија е најголем европски производител на филмска и ТВ програма, вредна 1,4 милијарди фунти од продажба на меѓународни права, но нејзината доминација е опишана како закана за европската културна разновидност во интерен документ на ЕУ, до кој британскиот дневен весник „Гардијан“ имаше пристап.
Ова прашање најверојатно ќе се приклучи на листата на точки поради кои владее голема напнатост во односите меѓу ЕУ и Велика Британија откако земјата ги напушти единствениот пазар и царинската унија, вклучително и споровите околу продажбата на британските колбаси во Северна Ирска и издавањето на дозволи за риболов.
Според директивата на ЕУ за аудиовизуелни медиумски услуги, повеќето програми кои се емитуваат мораат да бидат со европска содржина и мора да сочинуваат најмалку 30% од насловите на платформите за видеа по барање (VOD), како што се Нетфликс и Амазон.
Земјите како Франција отидоа уште подалеку, поставувајќи квота од 60 проценти за европска содржина.