Во текот на 2021 година, пребарувачот Google блокирал над 3.4 милијарди огласи и 5.6 милиони кориснички профили. Бројот на блокирани огласи бележи пораст за 300 милиони огласи во однос на годината претходно, додека пак бројот на блокирани профили се зголемил тројно, од 1.7 милиони во 2020 година.
Главна причина за најголемиот број од блокираните огласи (867 милиони) била „злоупотреба на огласувачката мрежа“. Тоа вклучувало активности како заобиколување на системите против прикажувањето на „лоши работи“, потоа добивањето на нефер сообраќајна предност преку користењето на разни скрипти, како и нарушување на системите кои спречуваат спам и малициозен софтвер.
На второ и трето место од листата на наведени причини за блокирањето на огласи се најдоа нарушувањето на правила поврзани со „здравјето и медицината“ (204 милиони) и „трговските марки“ (200 милиони).
Од Google исто така презеле акција против повеќе од 1.6 милијарди страници и домејни, од кои 981 милиони биле поврзани со сексуални содржини, 168 милиони биле поврзани со опасни или навредливи содржини, а 114 милиони биле поврзани со промоција и продажба на оружје.
Платформата исто така реагирала на војната во Украина, блокирајќи 8 милиони огласи поврзани со неа. Google истовремено го паузирале прикажувањето на огласи во Русија, огласи од руски огласувачи и ја паузирале монетизацијата на руските државни медиуми.