Со цел подигнување на јавната свест за проблемот со пластичниот отпад и неговото загадување на океаните, но и истовремена промоција на сопствените про-еколошки напори, шведскиот бренд на мебел IKEA лансираше нова кампања за блискоисточните пазари со која ја раскажува „семејната приказна“ на нивните плишани играчки создадени од океанска пластика.
Имено, преку рециклирање на отпадни материјали собрани од океанските води, брендот создал плишани играчки на ајкула, син кит и орка кит, на кои потоа им дал забавна приказна за нивното потекло. Па така, ајкулата вели дека нејзината мајка била пластична сламка, а таткото чаша за еднократна употреба, кои што се сретнале на некоја забава на луксузна јахта крај островот Ибица. Поради тоа, ајкулата вели дека е „вистинско животно за забави“.
Мајката на плишаниот кит-орка била туба за паста за заби, додека пак таткото бил шише од џус од портокал, па поради тоа самиот кит вели дека бил малку кисел и малку сладок и Водолија во хороскоп. Синиот кит споделува дека неговата мајка била вреќа за ѓубре, а таткото бил ќеса од чипс. Луѓето му кажувале дека ги има очите на мајка си.
Покрај видеоспотовите за секоја од играчките посебно, кампањата е исто така поддржана со серија на out-of-home принт реклами. Промотивните актвиности се примарно наменети за пазарите на Обединетите Арапски Емирати, Катар, Египет и Оман.
Кампањата е создадена со помош на креативната агенција Memac Ogilvy.