Деловното поврзување и отворањето на нови бизнис хоризонти меѓу Балканот и Азија е во фокусот на првата меѓународна бизнис конференција насловена како “Balkans to Asia“, која ќе се одржи од 25 до 26 ноември 2021 година.
Денес имаме задоволство да разговараме со проф. д-р Сашо Ќосев, претседател на Здружението за регионален развој Балкански економски форум како ко-иницијатори на конференцијата “Balkans to Asia”, организирана во соработка со Кавкаско-Азискиот центар и Европската академија на регионите.
M365: Господине Ќосев, која беше инспирацијата позади конференцијата “Balkans to Asia”? Зошто е таа важна?
Ќосев: Азија е најголемата светска економска сила на денешнината, со економски гиганти како Кина, Индија, Јапонија, Јужна Кореја и Сингапур кои го предводат патот за глобален економски раст. Тие нудат големи можности за економска соработка за Европа и особено за земјите во развој од Балканот. Сметаме дека е важно земјите и бизнисите од Балканот подобро да ги разберат тековните економски процеси и трендови на глобално ниво и да започнат активно да учествуваат во нив за да не бидат изоставени, односно да го подобрат сопствениот економски развој и да станат важен фактор во глобалната трговија.
Се надеваме дека преку оваа конференција ќе ги инспирираме претставниците од економските сектори на Азија и на Балканот да замислат споделена иднина на соработка во насока на заеднички економски раст и општо добро. Економскиот раст, просперитетот и напредокот се можни само со комуникација и соработка. Конференцијата “Balkans to Asia” ќе отвори нови хоризонти и перспективи на економски просперитет за двете страни во таа соработка.
M365: Кои ќе бидат главните теми на дискусија на конференцијата?
Ќосев: На овогодинешната конференција “Balkans to Asia“, нашите говорници ќе се осврнат и ќе понудат свои согледувања во однос на три главни теми од интерес: потенцијалите за нови економски можности и одржливи синџири на вредност меѓу Балканот и Азија; справување со предизвиците во соработката меѓу чинителите при појавата на новите светски реалности; и стратегирање на патишта за идните деловни врски од Западен Балкан до Азија.
M365: Може ли да ни откриете дел од агендата на конференцијата? Кои ќе бидат главните говорници на настанот?
Ќосев: Конференцијата “Balkans to Asia” ќе се одржува два дена, на 25 и 26 ноември 2021 година, преку видео-конференциска врска. Работен јазик на конференцијата ќе биде англискиот.
На првиот ден од конференцијата, по воведниот говор на г-дин Анри Малосе, поранешен претседател на Европскиот економски и социјален совет, учесниците ќе имаат можност да слушаат повеќе од три часа експертски содржини во врска со потенцијалите за нови економски можности и одржливи синџири на вредност меѓу Балканот и Азија, како и за предизвиците во соработката меѓу чинителите при појавата на новите светски реалности. Говорници на првиот ден ќе бидат реномирани економски експерти како Зоран Мартиновски, Роксана Минзату, Амјад Ајуб, Атила Галамбос, Думитру Тудор Џиџие, Хридеј Сарма и проф. Шахаб Енам Кан.
Вториот ден од конференцијата ќе биде посветен на стратегизирањето патишта за деловни врски помеѓу Западниот Балкан и Азија, при што учесниците ќе имаат задоволство да учат од експерти како Арбен Шкодра, Дарко Ангелов, Дрилон Исени, Маниш Кумар и Павел Устиужанинов.
M365: Која е целната публика на конференцијата и како може да се земе учество во неа?
Ќосев: Очекуваме дека публиката на конференцијата “Balkans to Asia” во најголема мера ќе се состои од владини претставници, претставници на стопански комори и бизнис лидери од балканските и азиските земји, односно чинители и луѓе кои можат да имаат влијание во воспоставувањето деловни врски меѓу Балканот и Азија. Меѓутоа, конференцијата е отворена за сите, поединци и организации, кои сакаат да земат учество и да учат од реномирани економски експерти на тема глобална економска соработка и раст.
Регистрацијата за конференцијата е веќе отворена и присуството е бесплатно, но сите заинтересирани учесници треба да се пријават најдоцна до 24 ноември 2021 година. Настанот ќе се одржи онлајн преку видео-конференциска платформа (деталите ќе бидат објавени наскоро).
M365: Кои се очекуваните резултати од конференцијата? Што се надеваат организаторите да постигнат со неа?
Ќосев: Се надеваме дека конференцијата ќе им донесе знаење и инспирација на сите учесници да гледаат напред – кон иднина на меѓусебна економска соработка и просперитет за балканските и азиските земји. Живееме во меѓусебно поврзан свет, „глобално село“ како што некои сакаат да кажат, и како сожители на оваа планета мора да се стремиме да изградиме подобра и поодржлива иднина за сите, во економијата или во која било друга сфера. На конференцијата “Balkans to Asia” ќе се разговара за можните патишта за балканско-азиска соработка и ќе се разговара за предизвиците со кои би можеле да се соочиме, одигрувајќи ја својата важна улога и нудејќи вредни согледувања во постигнувањето на нашата заедничка цел – подобра иднина за сите. Се надеваме дека ова ќе прерасне во традиција.