Технолошката компанија Мета, во чија што сопственост се социјалните мрежи Фејсбук и Инстаграм, лансираше нова европска кампања која има за цел да ги едуцира родителите за контролните механизми кои тие ги имаат врз социјалните профили на нивните деца.
Социјалните мрежи на Мета се достапни за сите лица кои навршиле 13 години. Како што посочуваат одредени истражувања, околу 8.5% од вкупниот број корисници на Инстаграм се тинејџери на возраст од 13 до 17 години, додека пак 30.1% се лица на возраст помеѓу 18 и 25 години.
Со цел да ги едуцира родителите како можат да ја надгледуваат употребата на социјалните мрежи од своите деца, Мета лансираше кампања со која ги објаснува алатките кои им се достапни. На пример, тука е функцијата Daily Time Limit која ограничува колку време младиот корисник може да помине на платформата, или пак функцијата Default Private Accounts која автоматски ги поставува профилите на младите лица да бидат приватни.
„Мета има развиено повеќе од 30 алатки за поддршка на семејствата, вклучително и алатки за надзор, кои им помагаат на родителите и тинејџерите да работат заедно за да управуваат со времето кое тинејџерите го поминуваат на нашата платформа. Сакаме родителите и тинејџерите да знаат за овие алатки – и да ги користат – затоа денес започнуваме нова огласувачка кампања за да им помогнеме на родителите да бидат свесни за нашите алатки за безбедност и надзор“ – објаснува Сиара Фарен, маркетинг директор на Мета за европскиот пазар.
Кампањата ќе вклучува видео, принт, out-of-home, дигитални и аудио реклами, пласирани во Обединетото Кралство, Франција и Белгија во следните два месеци. Кампањата е создадена со помош на креативната агенција SS&K, поддржана од in-house креативниот тим на компанија, Creative X.