Во Русија, како и во другите држави во Европа и во САД, расте движењето против вакцинирањето. Повеќе претставници на Москвската администрација побараа да се воведе задолжителна вакцинација. Ова неодамна го направи и Франција во борбата против падот на стапката на вакцинација. Русија и трите поранешни советски републики – Украина, Казахстан и Грузија – учествувале со 78 проценти од случаите на сипаници во првата половина на 2019 година.
Светската здравствена организација и Програмата на ООН за деца – УНИЦЕФ во јули предупредија дека стапките на вакцинација бележат загрижувачки пад низ целиот свет. Пред се`, вакцинацијата против мали сипаници.
Оние кои се спротивставуваат на вакцинацијата, се потпираат на лажни научни студии кои тврдат дека постои врска помеѓу вакцинацијата и аутизмот. Студијата на универзитетот Џорџ Вашингтон минатата година откри дека руските интернет тролови стојат зад кампањата против вакцинирање на социјалните мрежи во САД.
Соочен со зајакнувањето на движењето против вакцинирање, градот Москва прибегна кон реклами со вампири за да ја пренесе важноста на имунизацијата.
Одделението за здравство на руската престолнина оваа недела објави видео во кое главен јунак е вампир.
Во видеото, вампирот го прашува лекарот дали неговата ќерка може без ризик да ја пие крвта на невакцинирани личности. Лекарот, кој забележува дека можеби е добро да не се пие крв воопшто, вели дека е особено опасно да се консумира хемоглобин од некој што не е вакциниран.
„Затоа некои родители се против вакцинирање, за да не спречат да ги гриземе нивните деца“, заклучува московскиот Дракула.
Видеото завршува со повик децата да бидат вакцинирани.