Познатиот бренд на кечап и други прехрамбени сосови, Heinz, објави нова реклама за американскиот пазар во која ја истакнува способноста на своите вкусни производи да внесат малку дополнителна радост во хаотичните моменти од животот.
Едноминутниот спот насловен “This Magic Moment” („Овој магичен момент“) ја прикажува реалноста и хаотичноста на секојдневниот семеен живот, исполнет со секакви стресни моменти. Меѓутоа, рекламата исто така нé потсетува дека храната претставува обединувачка сила во односот помеѓу членовите на семејството, а таа е секогаш подобра со производите на Heinz.
На крајот од спотот, нараторот заклучува дека: „Животот може да се чини како премногу за справување, но постои доста магија во сиот тој хаос“.
Видеото е пропратено со носталгичните звуци на истоимената песна “This Magic Moment” од американската R&B и соул вокална група The Drifters.
Рекламата е создадена со помош на креативната агенција Wieden + Kennedy.