Автор: Предраг Николовски од AdValue
Многу често корисниците на социјалните медиуми, без разлика дали се приватни или бизнис корисници, се соочуваат со губење на некој од своите официјални, жаргонски кажанo „акаунти“, т.е. корисничка сметка, страна, профил/„пејџ“, да бидеме јасни.
Во следниот текст би сакал да споделам дел од нашето искуство на оваа тема и кои би биле првите чекори што треба да ги преземете доколку ова ви се случи вам или на некој од вашите клиенти.
Ајде да ги погледнеме трите најчести причини зошто една корисничка сметка (account) би билa изгубенa и кои треба да бидат вашите први чекори во таа ситуација.
- Згаснатa поради прекршување на правилата за користење на Мета (Facebook & Instagram)
Oва е една од најчестите причини зошто одреден пристап може да биде едноставно згаснат. Доколку содржината, објавите кои се објавуваат содржат недозволиви елементи, како голотија, насилство и слично, во тој случај профилот ќе биде суспендиран. Некогаш се случува вашата корисничка сметка (account) да биде суспендиранa доколку алгоритамот на Мета процени дека користите лажни податоци т.е. се претставувате во туѓо име, ова може да се случи доколку имате неколку „акаунти“ со слично име и слични содржини. Доколку сметате дека се случила одредена грешка или грешна интерпретација на содржините што сте ги објавиле, прво што треба да направите е да побарате дополнителна проверка („request for review”). Овој процес може да трае од 48 часа па дури до 45 дена. Затоа внимавајте што објавувате и секако, консултирајте се и истражете кои содржини најдобро одговараат на вашите потреби.
- „Хакнат“ или украден „акаунт“ е чест и доста голем проблем со кој може да се соочите. Затоа имајте на ум дека на вашите „акаунти“, уште по читањето на текстов, треба да поставите автентификација со два фактора како телефонски број или доверлива електронска адреса. Доколку се најдете во оваа ситуација процедурата ќе трае подолго, но фактите се на ваша страна и добар процент од случаите се решаваат позитивно. Како прв чекор повторно се обраќате кон „Meta Support“ од каде што ќе ви пратат инструкции како да го докажете вашиот идентитет и сопственоста врз „акаунтот“ кој е компромитиран. Најчести барања кои ќе ги добиете за да го докажете ова се лични валидни документи, извод од централен регистар за правен субјект и сопственици, банкарска картичка со која се вршени спонзорирања на профилот, сите овие заверени на нотар ќе треба да ги доставите до „Meта“ и да ги чекате нивните инструкции.
- Згаснат поради „тактика на масовни пријави“. Ова е најчест проблем кога имаме двајца лути конкуренти на двете страни, притоа едните организирано стискаат на копчето „пријави“ (report) на објавите и на самиот таргетиран „акаунт“, тие одбираат иста причина зошто овој „акаунт“ се пријавува, што го наведува алгоритмот веднаш да го суспендира. Во овој случај можно е да изгубите најмногу време докажувајќи го вашиот профил, бидејќи, буквално, алгоритамот ве смета Вас за единствен против кого пристигнале даден број пријави од најразлични профили. Првиот чекор е секако контакт со тимот на „Meta support“, барање за проверка (review) и наведување на причините зошто сметате дека сте биле мета на овие оркестрирани напади.
Важно е да се знае дека никој не може 100% да ви гарантира дека ќе успеете во процесот на враќање на вашиот „акаунт“, како што и никој не може да ви гарантира дека сте заштитени од каков било напад на истиот. Искуството ни покажува дека сме имале случаи каде што процедурите траеле со недели и случаи каде што сме решавале комплексни проблеми во часови. Она што треба да го знаете е дека упорноста е исплатлива и доколку не успеете во првиот обид, обидете се повторно. Како дел од услугите што ги нудиме во „AdValue“ е „Account Recovery consulting“ што во принцип значи дека нудиме директна помош и асистенција доколку се најдете во една од овие несакани ситуации.
Имајте среќна и безбедна Нова 2023-та година!