Германскиот автомобилски бренд Volkswagen го продолжи својот глобален креативен договор со агенцијата DDB, дел од групацијата на Omnicom, за уште три години.
Партнерството на Volkswagen со DDB трае повеќе од неверојатни шест децинии, резултирајќи со некои од најголемите и најефективните креативни дела во историјата, вклучувајќи ги и познатите кампањи „Think Small“ и „Lemon“ за популарната VW Буба – лансирани во далечната 1959 година.
Во поново време, DDB и другите клучни агенции на Omnicom, како што е AlmapBBDO во Бразил, работат заедно како здружена глобална мрежа која ги обединува најдобрите креативни таленти на холдинг-компанијата за маркетинг услуги. Дополнително, Omnicom ќе го прошири своето партнерство со Volkswagen за да вклучи прецизни маркетинг способности со цел трансформација на потрошувачкото искуство и на производствените процеси на компанијата. Оваа новоформирана група ќе биде целосно интегрирана со медиумскиот тим на PHD, исто така дел од Omnicom, на кои исто така им беше обновен договорот претходно оваа година.
„Omnicom и Volkswagen влегуваат во нова ера за тоа како ја создаваме нашата комуникација. Наследството на DDB и нивната длабочина на знаење за брендот Volkswagen се незаменливи, а беспрекорното воведување и интеграција на новите и постојните партнери од Omnicom ќе го подигнат партнерството на ново ниво. Нивната грижа, љубов и страст за брендот Volkswagen секогаш ја чувствуваат нашите тимови“ – истакнува Сузане Франц, глобална маркетинг директорка на Volkswagen.
„Volkswagen е дел од нашата ДНК и нашата љубов кон брендот е безусловна. Ние постојано се предизвикуваме себеси и го развиваме нашето партнерство за да испорачаме позвучни и поефективни креативни дела. Оваа брилијантна констелација на таленти ќе ја пренесе душата на брендот и она што ги прави нивните автомобили толку сакани пред новите генерации во секој географски регион. Овие три години ќе ни бидат најважни досега“ – додава Глен Ломас, глобален претседател и генерален извршен директор на DDB Worldwide.
„Горди сме на препознатливите проекти што сме ги реализирале со Volkswagen низ текот на годините со DDB на чело и сме полни со енергија за нашето ново и развојно партнерство со нив“ – посочува Џон Врен, претседател и извршен директор на Omnicom, додавајаќи: „Нашата способност да му докажеме на постоечки клиент дека, по многу години, ние сме вистинскиот партнер во нивната трансформација е јасна демонстрација на нашата способност да градиме силни долгорочни врски, а притоа постојано да додаваме нови понуди.“
Оваа интегрирана глобална лидерска група ќе биде со седиште во Берлин и ќе продолжи во голема мера да се потпира на човечките ресурси на Omnicom од целиот свет.