Бенкси ја уништи негова слика откако беше продадена на аукција за 1,3 милиони долари
Познатиот, но анонимен уличен уметник Бенкси, уште еднаш го шокираше светот на уметноста кога неговото дело “Девојка со балон“ се самоуништи на аукцијата во Сотби во Лондон, само неколку секунди откако беше продадена за 1,3 милиони долари. Оваа самоуништувачка слика беше опишана како “ПР трик на годината”, објави The Drum.
Штом продажбата беше прогласена на аукцијата, сликата одеднаш почна да се спушта во својата рамка и помина низ механизмот за сечење скриен во долната рамка на сликата.
Луѓето во аукциската сала беа изненадени, а видеата од аукцијата брзо се проширија на интернет. Наскоро и Бенкси на својот Инстаграм профил објави видео со кое објаснува како тајно поставил режач, со кој делото било „спремно“ во случај да биде продадено на аукција.
Сликата “Девојката со балон” беше создадена во 2006 година, во техника на спреј на платно.
Коментирајќи за целиот случај, Ендрју Блох, основач и извршен директор на лондонската агенција Frank, вели: “Ова, според мое мислење, е ПР трик на годината. Бенкси уште еднаш нè изненади и нè воодушеви со најновиот и веројатно најдобриот трик во неговата долга историја на пораки против естаблишментот. Внимателно планиран и извршен до совршенство, овој трик го привлече вниманието на светските медиуми, зголемувајќи го неговото влијание и неговиот уметнички углед. Во свет каде што секој се обидува да биде познат, анонимноста на Бенкси уште еднаш создаде својот личен, непроценлив buzz “.