Филип Томас, извршен директор на компанијата Cannes Lions Ascential Events, му се заблагодари на досегашниот директор Хозе Папа за неговите услуги и најави дека тој ќе ги преземе секојдневните активности околу Канските Лавови
Во организационата структура на Cannes Lions веќе нема да постои позицијата генерален директор. Ова го најави Филип Томас, извршен директор на Ascential Events, во чија сопственост е фестивалот Cannes Lions.
Наведувајќи ги тешкотиите во работењето оваа година и напорите да се обезбеди подобра структура на трошоците, Томас изјави дека Жозе Папа веќе нема да биде генерален директор на фестивалот, бидејќи позицијата се прогласува за излишна и дека тој лично ќе ги преземе секојдневните активности поврзани со Канските Лавови.
“Како што можеби знаете, работењето оваа година беше многу предизвикувачки за Cannes Lions, што значи дека треба да ја преиспитаме нашата структура и база на трошоци и да донесеме некои тешки одлуки. Во овој поглед, принудени сме да ја прогласиме улогата на генерален директор на Cannes Lions како непотребна. Ова е особено тешко за Жозе Папа, кој го предводеше Cannes Lions низ навистина турбулентно време, што кулминираше со голем број на позитивни коментари за овогодинешниот настан и највисока оценка од NPS истражувањето во историјата на Фестивалот. Сепак, како деловен човек, тој ги разбира причините заради кои требаше да ја донесеме оваа тешка одлука. Тоа значи дека јас ќе ги работам дневните операции околу Cannes Lions, почнувајќи од утре”, напиша Томас во своето писмо.
Томас му се заблагодари на Жозе Папа за платформата што ја создаде, најавувајќи подобри времиња “полни со можности“ кои допрва доаѓаат.
Во писмото се додава и изјавата на поранешниот генерален директор на фестивалот, во која Хозе Папа вели: “Овие турбулентни времиња не` направија посилни од било кога. Нашето ресетирање во 2018 година, повторно му покажа на светот зошто сме важни. Зошто е важно она што го работите. Сега сме подготвени да продолжиме понатаму, со подигнати глави, како светилник на глобалната креативност. Фил го посвети своето срце на оваа работа, а во него имате некој кој навистина се грижи за она што претставува Cannes Lions. Исто како што ми е важно и мене.”