Владатата на Република Македонија започна сеопфатна кампања за подигнување на свесноста на граѓаните за значењето и потребата од користење на здрава храна и водење здрав начин на живот и применување физичка активност, под слоганот „Здравјето е избор!”
Здрава храна и здрав начин на живот значат долг живот!, најави на промоцијата на стартот на кампањата, премиерот Никола Груевски.
– Целта на кампањата е со едукативен пристап да се влијае сите ние да се заштитиме од загрозување на здравјето, да си помогнеме себеси на нашите семејства и нашето општество… Сите светски статистики, мислења и испитувања водат кон еден заклучок кој вели дека доколку се употребува здрава храна и доколку постои редовна физичка активност тогаш секој човек би бил оправдано да очекува подолго да живее, рече премиерот Груевски на прес -конференција во Владата.
Кампањата, како што објави Владата на својот веб сајт, е со вкупен буџет од 456.117 евра без вклучен ддв и во неа се опфатени идејни решенија на знак и лого, изработка на ТВ и радио спотови, принт огласи и адаптација за внатрешно и надворешно рекламирање преку билборди, мегалајти и автобуси. Покрај тоа, кампањата предвидува изработка на веб банери, осмислување на стратегија за нејзина промоција, подготовка и реализација на медија план и закуп на медиумски простор. Идејните решенија се на повеќе понудувачи и тоа Маркет Визион, Аквариус дизајн, Актива Интерконс и Трето уво, а медија планот ќе го реализира агенцијата New Moment New Ideas Company.