Гласовната технологија го менува начинот на кој корисниците пребаруваат работи кои им се потребни, па многу маркетинг експерти веќе размислуваат за начините на кои оваа технологија би можела да се користи како дел од нивните кампањи.
Според последните анкети на агенцијата Bright Local, 58% од испитаниците во последните 12 месеци користеле гласовна технологија во потрага за некој локален бизнис. Покрај тоа, гласовната технологија ја користеле и за други цели, на пример, да резервираат маса во ресторан или хотелска соба или за да прашаат дали некоја продавница во своите залихи има производ за кои тие се заинтересирани.
Од друга страна, 20% од сите пребарувања на Google во последно време се прават со помош на гласовни команди, а 60,5 милиони корисници во САД, редовно користат гласовни асистенти како Алекса, со цел да пребаруваат на интернет во потрага по некој производ и да направат нарачка. Затоа многумина веруваат дека виртуелните асистенти и чет ботовите, ќе играат важна улога во интеракцијата со потенцијалните клиенти до 2021 година.
Така, на гласот се гледа како на следната голема промена во областа на маркетингот, а најмногу заради тоа што тоа е нешто што е најприродно во однесувањето на човекот, бидејќи е основен инструмент за комуникација. Така, секојдневните задачи ќе станат прилично поедноставни, затоа што гласот ќе ги замени сложените менија, односно ќе го скрати времето потребно за да се дојде до информации за некој производ или услуга. На овој начин, огласувачите ќе можат да комуницираат со клиентите на поинаков начин, што ќе доведе до еволуција во креативноста и начинот на размислување.
Денес, скоро секој нов уред има можност за интеграција на дигитален асистент, што укажува на тоа дека гласовното пребарување во иднина се` повеќе ќе добива на важност. Затоа, огласувачите ќе мора да се справат со начините на кои корисниците ќе дојдат до нивните производи во иднина и јазикот што најчесто го користат.
Експертите забележале дека многумина се ‘уште не ги користат овие функции на своите мобилни уреди, а веројатно заради непријатностите што би ги чувствувале доколку на својот дигитален асистент гласно би се обраќале во јавноста. Сепак, со тек на време, таквиот начинот на интеракција ќе стане вообичаен, што бара промена во начинот на пристапување до клиентите, како и во создавањето на кампањи. Најголемиот предизвик во контекст на употребата на гласот во маркетинг кампањите сигурно ќе биде во тонот, а поради емоционалните реакции кои гласот може да ги предизвика.