Home » Во фокусот » Интервју со Наташа Божиновска Миркова и Јелена Микиќ од агенцијата Represent Communications

Интервју со Наташа Божиновска Миркова и Јелена Микиќ од агенцијата Represent Communications

Неодамна во Скопје се отвори канцеларија на српската престижна ПР и Дигитал Маркетинг агенција „Represent Communications“ од Белград. Во улога на директорка е Наташа Божиновска Миркова, експерт за дигитален маркетинг и задолжена за развојот на бизнисот во Македонија. Јелена Микиќ, пак е регионален директор и е задолжена да ја следи работата на сите канцеларии на Represent од регионот. Скопската агенција има амбиција да ги спои ПР-от и дигиталниот маркетинг и иако канцеларијата постои само неколку месеци, тимот веќе гради сериозно портфолио.

Наташа Божиновска Миркова

М365: Српската агенција, која мината година прослави 15 години од своето постоење е една од водечките ПР и дигитал маркетинг агенции во регионот и токму мината година одлучи да ги отвори своите врати и за Македонија.Што ви говорат првичните искуства?

Јелена: Нашиот план за македонскиот пазар е да изградиме водечка ПР и дигитал агенција, какви што веќе имаме на останатите пазари од регионов. Имаме три тима кои ни нудат поддршка, тим од речиси 80 луѓе во Белград, кои ни даваат како стратешка, така и оперативна поддршка, тимот од Weber Shandwick, чија сме афилијација и локалниот тим од Скопје исто така. Македонскиот пазар е зрел, нашите колеги одлично го познаваат комуникацискиот бизнис и се чини дека беспрекорно се разбираме. На самиот почеток од работата на скопската агенција ние имаме неколку сериозни клиенти, што досега не ни се случило со останатите регионали агенции. Ни претстои сериозна работа, бидејќи фокусот на Represent системот работи на принцип на врзување со регионалните пазари, бидејќи тоа е она што клиентите најмногу ни бараат.

М365: Агенцијата Репрезент постои веќе 15 години во Србија, преку 10 години во Црна Гора и една година во Босна. Зошто изборот за следно проширување падна на Македонија?

Јелена: Резултатите кои ги остваривме на пазарот на Србија и Црна Гора се одлични, па самите клиенти се повеќе ни бараа услуги и за другите земји, бидејќи имаат доверба дека Represent насекаде котира одлично и има високи стандарди во работењето. Тоа ни даде ветар во едра да размислиме што понатаму. Па затоа во 2016 година отворивме канцеларија во Бања Лука, а мината година во Скопје. Македонија има многу креативни луѓе. Со колегите од Скопје можеме конструктивно да разговараме. Клиентите разбираат точно што значи ПР. Има многу стручњаци кои имаат искуство со меѓународни кампањи и со напредни дигитални технологии. Во Скопје работиме со една голема компанија од Дубаи за која во областа за дигиталната комникација осмислуваме и водиме меѓународна кампања, каква што на пример се уште не сме работеле во Белград.

М365: Колку според Вас на македонскиот пазар му се потребни услугите на дигиталниот маркетинг, постои ли зрела почва за тоа, земајќи предвид дека вие сте стручна за дигитал маркетинг?

Наташа: Полека, но сигурно македонскиот пазар се отвора кон нови предизвици. Ако во 2005 година кога јас почнав да работам дигитален маркетинг, луѓето не можеа да разберат што всушност значи тоа, денес сите знаат дека онлајн присуството е задолжително ако се очекува просперитет во работењето. Колку за споредба, во Србија во моментот кога се почувствува потенцијалот за онлајн присуството и кога клиентите почнаа да се информираат во овој дел, нашата матична куќа креираше и отвори дигитален сектор кој го носи името “The Content Studio” кој за две години порасна во посебен сектор со 17 вработени и околу 25 клиенти исклучиво во делот на онлајн услугите. Со самото добивање на партнерството од страна на Google како Official Advertising Google Partners, сметаме дека нашата експертиза треба да ја насочиме и кон странските клиенти, како би можеле тие искуства да ги споделуваме со домашните компании и да ги развиваме уште подобро.

М365: Можеби она на кое сте најмногу фокусирани се проектите од општествена одговорност, кои агенцијата ги има зацртано во својата агенда, а воедно сакате и да продуцирате креативни идеи за вашите клиенти?

Наташа: Самата политика на работење на нашата агенција е да се иницираат концепт проекти од општествена одговорност и да се биде дел од добротворни акции како што тоа долго се практикува низ регионот каде имаме канцеларии. Тоа е нашата стратегија како би се диференцирале од останатите агенции во оваа сфера. „Represent Communications“ како агенција која постои 15 години има лансирано многу успешни проекти од општествена одговорност, проекти со кои сите вработени се горди на истите, проекти кои се се уште актуелни. Сакаме да го следиме и ние трендот на нашата матична куќа.

  • Огромно портфолио

Јелена Микиќ

M365: Какво е досегашното портфолио на агенцијата?

Јелена: Портфолиото на „Represent Communications“ е огромно. Не постои индустрија со која нашите тимови немаат искуство. Како дел од долгогодишните верни клиенти би ги споменала само The Coca Cola Company, Philip Morris, Don Caffe, Strauss, Hemofarm, Nelt, MK Group, DHL, Frikom, Delhaize Group, Telenor Srbija, Carlsberg, Aerodrom “Nikola Tesla” Beograd, Tikurilla, Telegroup, најголемите бизнис форуми низ регионот како Копаоник Бизнис Форум и Јахорина Бизнис Форум, проекти со меѓународни институции како Светска Банка, USAID, UNDP и многу други.

М365: Како вие гледате на регионот, дали како водечка агенција од Србија ви беше лесно да отворате канцеларии низ регионов?

Јелена: Регионов дели заеднички предизвици. Работиме со мали буџети, но луѓето се исклучително креативни, а пред се снаодливи. Постојат разлики, но во основата делиме слични проблеми, слични политички превирања, кои влијаат на доминантниот економски контекст, слична е и ситуацијата во медиумите. Ние како земји делиме слично историско наследство, блиски ни се јазиците, лесно се разбираме едни со други, но секако секоја земја има свои специфичности. Незнам ни самата колку пати досега бев во канцелариите во Бања Лука и во Скопје, само затоа што од Белград никогаш не би можела да ја разберам локалната работна култура, ниту би можела на вистински начин да ги запознаам и испочитувам нашите клиенти и соговорници. На крајот од денот во скопската канцеларија најдовме одлични соработници, сепак, работата ја чинат луѓето, без нивната посветеност, нема ни успех. Можам само да кажам дека успеавме да го споиме нашето знаење и искуство од Белград со добри соработници, кои одлично ги познаваат локалните околности, медиумите, а трендовите ги следиме сите заедно – тоа е едноставна и проверена формула.

М365: Можете ли веќе да се пофалите со добро сработени кампањи и кои клиенти ви ја дале  довербата?

Наташа: Како што знае често да каже нашата регионална директорка, канцеларијата на „Represent Communications“ во Скопје е пример за добар почеток на една канцеларија. Уште во септември сработивме дигитал маркетинг проект кој подразбираше водење на Google AdWords кампања за една приватна лабораторија. Сработивме исто така успешен ПР проект во ноември за најголемиот шопинг мол во Скопје. Тие беа клиент кои меѓу првите ни ја доделија довербата за што сме им исклучително благодарни. Понатаму, сработивме уште еден проект кој подразбираше комплетна логистика, организација и медиумско покривање за организација од невладиниот сектор “Џуниор Ачивмент“. И тука да не изоставам еден странски клиент од Дубаи за кого сработивме комплетен брендинг за нивниот производ, од дефинирање име на производот, па се до естетскиот изглед на нивниот бренд. За истиот овој клиент развивме комплетна дигитал маркетинг стратегија за нивниот производ која ја одбранивме пред клиентот каде впечатоците беа одлични. Во моментов пoдготвуваме комплетен план на активности за лансирање на производот во светски рамки кој е закажан за следниот месец.

М365: Во ноември минатата година, организиравте „Есенски базар“ на уникатни уметнички производи. Што беше тука поразлично, земајќи предвид дека досега се организирани многу базари на рачно изработени продукти?

Наташа: Скопје Сити Мол беа еден од нашите први клиенти, кој веќе го чувствуваме и за наш партнер. Кога почнавме да разговараме со нив околу концепти и предлог проекти, се договоривме да развиваме проекти кои ќе бидат малку поразлични од  останатите, а ќе содржат во себе доза на хуманост и ќе продуцираат помош за другата страна. Па така, со првиот проект Есенски базар“, Скопје Сити Мол ги поддржа младите и талентирани артизанс – уметници и хобисти од цела Македонија со што го отвори својот простор во времетраење од три дена, каде можеа сите уметници да ги изложат своите уникатни уметнички производи за продажба. Нашата идеја за овој проект ја постигна целта, а тоа е што направи разлика помеѓу сите останати базари организирани на други локации.

М365: Вашата соработка со истиот клиент продолжи и за Новогодишните празници. Проектот на кој бевте неодамна фокусирани беше 12 Елки – 12 медиумски приказни. Ќе бидете ли љубезна да ни откриете за што станува збор? 

Наташа: Овој проект е една прекрасна замисла, која ја развивавме со молот уште од самиот почеток на нашата канцеларија во Скопје. Идејата на овој проект беше да покажеме дека сме емпатични и хумани луѓе и да се сетиме на најранливата категорија деца на кои им треба најмногу помош. Со самото тоа, побаравме партнерство од 12 респектибилни медиуми, кои ја поддржаа нашата иницијативна и се вклучија во проектот. На вториот кат беа поставени 12 елки, по една за секој медиум. Сите медиуми беа должни да одредат социјално загрозено семејство, кому ќе сакаат да ги донираат собраните подароци. На инфо таблите покрај секоја елка имаше информации за какви семејства станува збор и возраста на сите деца за кои се собираат подароците. Медиумите ги обезбедија првите неколку подароци за секое семејство, а до крајот на кампањата, сите хумани луѓе можеа да оставаат подароци и да ги израдуваат дечињата. Замисливме акцијата да трае до 4 јануари поради тоа што сметавме дека ние имаме прекрасна традиција која сакаме да ја негуваме и да подаруваме токму тогаш кога тоа инаку треба да се прави, а периодот за тоа е пред големите празници, Бадник и Божик.

Акцијата помина подобро отколку што очекувавме. Беа собрани неколку стотини подароци и доставени до сите 12 семејства пред Бадник и Божиќ. Хуманоста на нашите граѓани и овој пат ни се насмевна со тоа што во акцијата се вклучија многу хумани луѓе, семејства кои донираа буквално за сите 12 социјално загрозени фамилии, големи компании, невладини организации,  приватно училиште за странски хазици, јавни личности… Успеаме да стоплиме 40тина детски срца и да ги израдуваме за празниците кои се веќе зад нас.

 

  • Кој раководи со белградската агенција

M365: Represent Communications постои од 2002 година. Кој раководи со агенцијата во Белград?

Јелена: Целиот Represent System е под директно раководство на Др. Борислав Миљановиќ кој пак на речиси сите клучни позиции во својата агенција има поставено жени менаџери, кои се грижат за секој сегмент од работењето. Пред само неколку месеци нашиот директор беше поканет да зборува на конференција за „Родова рамноправност“ во Белград како редок егземплар на сопственик, кој речиси сите клучни позиции ги има доверено на понежниот пол поради што нашиот тим креативци го подготви видеото, каде во неколку минути може да се долови атмосферата за која зборувам (https://www.youtube.com/watch?v=QM86WzFYNiM). Конкретно за регионот во кој функционираат регионалните канцеларии на „Represent Communications“ сум задолжена јас.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.

Marketing365 Marketing365 Marketing365