Home » Во фокусот » Колумна: Кој одлучува што ќе се објави во медиумите!!!

Колумна: Кој одлучува што ќе се објави во медиумите!!!

Автор: Тодор Стојчевски, сопственик на Агенција за односи со јавност Чептер 4

Многу јасен и видлив е трендот новинарите да ја напуштаат својата матична професија – новинарството и да заминуваат на „печалба“ во сферата на односите со јавноста. Модерно е да видите долгогодишен новинар кој сега е во ПР тимот на одредена институција или компанија или е дел од Агенција за односи со јавност.

Секако, причини за напуштање на новинарството има многу. Од непочитување на дефинираните стандарди и правила на игра, ниските плати, нејасниот статус од аспект на вработување, сé помалиот интерес на јавноста за печатените медиуми, смалениот фокус, внимание и концентрација на читателот за аналитички текстови, огромниот број електронски медиуми. Може да набројуваме уште многу фактори зошто не е добро да се работи во новинарство во Македонија.

Наспроти ова, Пи-Ар-от, како помлада и поатрактивна професија, нуди „засолниште“ за сите дипломирани или долгогодишни новинари кои ги знаат правилата на подготовка на новинарски производ. Тие се одлични професионалци кои, во новата улога, успешно се сноаѓаат и во „сенка“, работејќи за своите клиенти – компании, институции, организации и/или физички лица.

Природен трансфер на професионалци од една во друга професија. Но, факт е дека, најчесто, испразнетите места во новинарството ги потполнуваат нови колеги кои дотогаш немале никаков контакт со новинарската професија. Секоја чест на исклучоците. Тоа се лица кои професијата ја учат „во лет“. Не дека и претходно немало такви случаи на учење со практикување, но барем имале можност овие лица да учат од своите колеги – професионалци. Денес, сé помал е бројот од кого може да се учи во новинарството за тоа како се пишува вест, како се поставува прашање, што е глава на веста, што е соговорник, дека новинарскиот производ треба (мора) да ги има двете страни, колку треба да трае и како да биде структурирано интервју…..

Во Односите со јавноста се вдомија лица кои знаат што сакаат новинарите. Тие работат во делот на односи со медиумите каде, во интерес на општата јавност и во име на својот клиент, подготвуваат текстови за објава во медиумите. Рековме тоа се лица кои ги знаат или работеле согласно стандардите и правилата на новинарството. И нормално е да подготват квалитетен продукт, кој честопати, сме сведоци, со copy-paste, се објавува во медиумите. Доволно е само да погледнете низ медиумскиот простор и да сфатите која вест е подготвена во Агенција, односно кој текст е личен новинарски производ.

Но, што се случува со оние вести кои иако професионално се подготвени и се во интерес на општата јавност (што секако е водилка на двете професии), кои сепак завршуваат во корпата за ѓубре поради лична одлука на новите „новинари“ и уредници кои се вдомија во медиумите. Дали се тука се почитува и штити јавниот интерес како водилка во работењето и на медиумите или на Агенцијата.

Е, тука веќе се јавува проблемот. Во оваа ситуација, губат сите. Од една страна, медиумите не пласираат вистински и квалитетни информации од општ јавен интерес до своите читатели. Од друга страна, Агенциите го губат својот кредибилитет кај клиентот поради необјавата на информацијата која заслужува да биде објавена. Од трета страна, најмногу губи јавноста која не ја добива информацијата која заслужува да ја знае.

Наместо вистинска и квалитетна информација, во медиумите ќе прочитате текст кој нема структура, вест која нема суштина, лош новинарски продукт. Повторувам, не секаде и не секоја вест е неквалитетна.

Од друга страна, поради ова ситуација се појавуваат нов вид т.н. „платени ПР текстови“. Нешто што не е во доменот на професијата Односи со јавност, а уште помалку треба да биде начин на објавување важни информации во медиумите. Затоа што никој, буквално никој, не смее и не треба да плати информација која е од јавен интерес.

Се случува конференција за печат, каде немате буквално ниту едно прашање од новинарите кон соговорникот. Или уште пострашно, прес – конференција, каде нема ниту еден новинар затоа што уредникот одлучил дека тоа не е во интерес на јавноста. И таа е легитимна одлука, но прашање е врз база на кои новинарски правила е донесена одлуката.

Секако, овој тренд, долгорочно, штетно ќе влијае и на новинарството и на односите со јавноста. Но, најмногу на јавноста и нејзините интереси.

Најверојатно треба да се случи катарза кај сопствениците на медиумите да им дадат поддршка на уредниците и на новинарите во критичкиот и професионален пристап кон одредена компанија или институција, без ралика дали е на списокот на огласувачи во маркетинг одделот на медиумот. Велам, можеби, но да размислиме сите заедно и да најдеме соодветени механизми за „ослободување“ на патот на вистинските вести до читателите/слушателите/гледачите, да ги (ре)дефинираме односите меѓу чинителите во медиумите, но и меѓу медиумите и Агенциите. Сето тоа за добро на јавниот интерес.

Затоа, препорачувам почеста комуникација и соработка меѓу новинарите и лицата кои практикуваат односи со јавноста. Соработка на различни нивоа и форми за да се најдат практични решенија за доброто на сите. Јавниот интерес, пред сé.

One comment

  1. Текстов е ужасно субјективен, дури и за колумна. Презентирана е само едната страна на работите, додека истовремено се деградираат новинарите, уредниците и медиумите. Медиумите не постојат за да ги објавуваат соопштенијата од агенциите кои подготвуваат пр текстови за своите клиенти за пари. Тие имаат своја цел, концепт на работа и уредувачка политика врз основа на што ги објавуваат содржините. Кога текстот се вклопува во ова и има потенцијал да донесе посети, тогаш зошто да не би се објавил. Пр текстовите може да се од интерес на јавноста, ама често на мал дел од неа. Секако дека медиумите ќе објават вест која ќе им донесе повеќе посети наместо пр текст којшто ќе излезе идентичен на уште минимум 10 други медиуми. Последново пак, само по себе не е добро за сајтовите индивидуално. Исто така, пр текстовите се понекогаш добро склопени, ама често и не се и бараат дополнителни интервенции од страна на медиумскиот персонал. Во крајна линија, има толку многу дневни соопштенија, што медиумите би требало само со тоа да се занимаваат. Веќе за се’ се пишува соопштение. Тоа апсолутно не значи дека се’ е вредно да се објави на медиумски сајт. Во крајна линија, и медиумите треба од нешто да прават пари, а текстовите од пр агенциите не помагаат во ова. Од сето погоре, воопшто не е чудно што се појавија платени пр текстови. Ништо не е бесплатно на интернет. Така ни медиумскиот простор.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.

Marketing365 Marketing365 Marketing365