Home » Во фокусот » Колумна на Наташа Божиновска Миркова: Правилата на Google алгоритмот

Колумна на Наташа Божиновска Миркова: Правилата на Google алгоритмот

Автор: Наташа Божиновска Миркова, директор на Represent Communications Скопје

Кога се навраќам назад на моите почетоци во светот на дигиталниот маркетинг на почетокот на 2005-тата година, се присетувам како вчера да беше, колку сите теми врзани за тоа како индексира алгоритмот на Google ми беа како непознат јазик со уште понепозната азбука која морав да ја совладам. Работењето на глобален производ, кој бараше добро позиционирање на  истиот во светски рамки при органско пребарување на Google, ми стана одличен учител во спознавањето на сите параметри кои алгоритмот на Google ги препознава и оценува.

Во тоа време, не постоеја  социјалните медуими ниту денешните платформи за побрз и полесен начин за презентација на производот/услугата. Патот за достигнување на целите кои Google ги наложуваше беше трнлив и тежок, да не речам “одење пешки“ до постигнување на солиден ранкинг. Google AdWords беше тука како платформа да помогне во процесот, но сепак, она кое се очекуваше од сите дигитални маркетери беше суштинското познавање на останатите начини за органско пребарување. Во тоа време SEO (Search Engine Optimization) беше клучен параметар околу тоа како се маркетираат производите. Деталните описи во кодот на сајтот и клучните зборови беа важни за оптимизацијата да биде комплетна кога тие описи беа директно поврзани со содржината која е пласирана на одредена веб страница. Понатаму, link building-от беше исто така неизбежна операција која моравме да ја применуваме и еден куп други активности.

Од тогаш па се до денес  се појавија многу различни платформи кои го олеснуваа патот за побрза продажба. Многу од нас се фокусираа конкретно на овие платформи, заборавајќи го клучниот момент дека алгоритмот на Google само повеќе се конкретизира при оценувањето на веб страниците за одредување на нивниот ранкинг, а со тоа се остварува  долгорочен бесплатен пристап до поголема целна публика. Користењето на платените платформи помага при освојување на конкретна целна публика, меѓутоа тој начин е краткорочен – додека трае платената кампања.  Денес она што можеме да го видиме од трендовите на Google повторно не’ враќа на почетокот, каде мораме да ги запазиме основите при оптимизација на веб страниците.

Неколку клучни пораки од Google за добро оптимизирана веб страница

1.Мобилна адаптација на веб страницата
Реалноста денес покажува дека поголемиот број од луѓето ги користат своите паметни телефони за пребарување на Интернет. Персоналните компјутери се користат многу малку споредбено со годините наназад. На самите почетоци од појавата  на паметните телефони, трендот кој го задаваше Google за тоа како треба да изгледа еден веб сајт за да е добро рангиран од страна на Google за органско пребарување, беше да биде само “mobile friendly”. Но тоа повеќе  не е случај. Денес не е доволно веб страницата само добро да изгледа кога ќе се отвори преку паметен телефон. Google  бара веб страницата да биде “responsive,” со што ќе биде компатибилна за било каков уред (персонален компјутер, мобилен телефон, таблет, итн.).

Од денешен аспект, она што е клучно за потврда на тоа дека веб страницата ќе биде добро оценета од алгоритмот на Google е следново:

  • Да изгледа добро на паметен телефон
  • Да се почитува правилото “above the fold”
  • Фотографиите да бидат оптимизирани за мобилни телефони/таблети
  • Навигацијата преку мобилен телефон да биде лесна и интуитивна

Откако овие услови ќе бидат задоволени, тогаш треба да се занимаваме со тоа како веб страницата ќе изгледа на голем екран од персонален компјутер.

2. On-page & Off-page оптимизација
Во денешно време ретки се компаниите кои сакаат да вложуваат средства во делот на проверка и оптимизација на секоја содржина која ја пласираат на своите веб страници. Проверка на содржина би значело лекторирање, а оптимизација на содржина – некој да се позанимава малку подлабоко со суштината на истата во однос на поставеноста на основните параметри во кодот на веб страницата.
Ако во минатото алгоритмот на Google бараше многу описи врзани со оптимизација на веб страницата во кодот (on-page optimization), денес тоа изгледа многу поедноставно и поконцизно. Објавување на содржини кои се copy-paste варијанта или шаблони кои изгледаат како да се пишувани од страна на ботови, не добиваат на никаква тежина. Она што денес се бара е лежерна содржина која кај луѓето ќе буди интерес, а клучните зборови би го поврзале тој конкретен текст со оптимизацијата во кодот на веб страницата. Не е важно еден текст да ги содржи сите клучни зборови повеќе пати, туку е важно  тие клучни зборови да припаѓаат таму каде што ќе бидат сместени и целата содржина да има контекст.

Што се однесува до надворешните линкови и off-page оптимизација, алгоритмот на Google почна да ја зема во предвид пошироката слика од линкувањето како и  самиот контекст,  благодарејќи  на вештачката интелигенција. Тоа всушност значи дека ако една веб страница се линкува со друга, линкувањето мора да биде содржински поткрепено. На пример, доколку некој текст говори за клучните аспекти за Search Engine Optimization, а од таму се линкува на веб страница која продава курсеви за SEO, вредноста на тој линк ќе биде третирана како многу мала. За разлика од тоа, доколку содржината на текстот се однесува на тоа колку би можела да чини една едукација за SEO каде линкот би водел на веб страница која продава курсеви онлајн, тогаш линкувањето би било содржински поткрепено.

3.Безбедност на веб страницата
После скандалот со Facebook и продажбата на информации, како и стапувањето на сила на GDPR, безбедноста на веб страниците од страна на алгоритмот на Google има најголем фокус. Недоволно добра безбедност на една веб страница може да доведе до колапс на целиот труд кој е вложен по основ на оптимизација или содржина, ако протоколите за безбедност не се запазени. Google едноставно не смее да ризикува, па затоа имплементација на сигурносни протоколи и plug-ins е обврзувачка.

4.Оптимизирана содржина
Meta description tag е една од работите кои многу големи веб страници ја игнорираат. Параметарот за опис на секоја страничка посебно е од клучно значење за индексирање на содржината на веб страницата. Под опис односно meta description tag се мисли на тоа да биде адекватно одбран и рачно напишан секој опис во позадината на веб страницата (во Content Management System-от). Генеричко поставување на meta description tag или повторување на истиот опис на повеќе страници доведува до негативно оценување од страна на алгоритмот на Google, а со тоа и пад на индексирањето. Мeta description tag-от треба да биде напишан во рамките на бројот на карактери кои Google ги зема во предвид, а тоа е максимум 300 карактери.

Кога се оптимизира една веб страница, освен маркетерите треба да  бидат вклучени и програмерите –  оние кои ја развиваат истата, бидејќи постојат  многу технички сегменти кои треба да се имплементираат. Секоја страница треба да има sitemap.xml, robots.txt, треба да се внимава на брзината на вчитување на страницата и на други технички елементи за кои се одговорни програмерите. Од друга страна пак, маркетерите треба да ги дефинираат основните клучни зборови, meta description текстовите, текстовите за image alt, <h1> /<h2> headings итн. и да им ги достават за имплементација на програмерите.

Информациите кои ќе ги зададеме во срцето на веб страницата (SEO on-page во кодот) ќе бидат тесно поврзани и позитивно оценети преку индексирање, каде целата слика можеме да ја заокружиме со адекватно оптимизирана содржина и поврзување на истата до релевантни надворешни веб страници (SEO off-page) . Клучот до успехот на секоја веб страница без оглед на тоа дали практикува платени кампањи или не, мора да започне од добра оптимизација.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.

Marketing365 Marketing365 Marketing365