Во време кога се прават агилни напори да се спречи ширењето на Корона-вирусот и се преземаат вонредни мерки за да се спречи здравствена катастрофа во Македонија и целиот свет, разбирливо, комуникацијата меѓу луѓето сериозно се ограничува и стагнира. Ова доведува до состојба една од индустриите што комуникацијата ја има за свој кор сегмент да трпи исклучително големи и сериозни економски штети!
Целокупната комуникациска индустрија и македонските маркетинг, ПР, медиа, event и продукциски агенции се исклучително сериозно погодени со ситуацијата предизвикана од Корона вирусот COVID-19.
Нивната работа (на агенциите) директно се врзува и зависи од економската активност на компаниите и нивните комуникациски проекти, што значи дека во време кога компаниите ги одложуваат или целосно откажуваат своите настани, снимања за маркетинг кампањи, активации, BTL активности, промотивни активности, прес-конференции и др., се создава огромна дупка во планот за работа на агенциите и тие се соочени со ситуација кога приходите се намалуваат и се создава проблем во ликвидноста.
Во Македонија постојат агенции чиј приход доминантно зависи од организирање на настани, а во моментов сите настани и собирања на луѓе се забранети – што на некој начин прави ова да биде и забрана тие да работат. Продукциските компании се соочуваат со проблеми при кастинг, избор на локација и повторно забрана за масовно собирање на луѓе – нешто што е исклучително важно за тоа што тие го креираат. Ланецот продолжува со маркетинг агенциите кои се оневозможени да имплементираат активности за активација на терен или реализирање на тековни маркетинг кампањи (во супермаркети, молови, на отворено….). Медиските агенции имаат проблем со стопирање на кампањи кои брендовите ги оценуваат за несоодветни во оваа кризна ситуација и атмосфера која не е релаксирачка и никако не мотивира купувања на определени добра. Дополнително, тие имаат сѐ помал медиа простор, бидејќи голем дел од ТВ времето е резервирано за официјалната комуникација на државата и Министерството за здравство поврзана со Корона-вирусот. ПР агенциите се ограничени во неколку клучни алатки кои се секојдневие на нивните активности: организирање на прес-конференции, брифинзи со новинари, медиа појадоци и сл…
Овие ограничувања за агенциите, делумно се пресликуваат и во работата на медиумите, бидејќи и тие трпат последици од намалената активност на компаниите и агенциите, па забележлив е и сериозен пад во огласувачки кампањи – нешто што е примарен извор на финансирање на медиумите за кои велиме дека играат една од клучните улоги во државната стратегија за справување со кризата од вирусот.
Комуникациската индустрија и агенциите во Македонија важат за исклучително плодоносна гранка на македонската услужна економија (многу од агенциите извезуваат свои услуги и надвор од нашата земја), со голем број на вработени и важат за даватели на плати што се над просекот во Македонија, па навистина целата држава и Владата имаат одговорност да креираат мерки со кои ќе помогнат и на овој сегмент од економијата да го “преброди” овој период кога нивните ангажмани се сведени на апсолутен минимум.
Автор: Борис Ефтимовски