Како што наближува премиерата на новата и последна сезона на убер-популарната телевизиски серија „Game of Thrones“, така правопропорционално се зголемува и бројот на адвертајзинг кампањи поврзани со неа.
Најновата кампања вредна за истакнување е онаа на американскиот бренд за безалкохолни пијалоци Mountain Dew и агенцијата Golin New York. Централниот производ околу кој е изградена кампањата е специјална лименка која кога е топла е едноставно бела (“A Can Has No Name…“), но кога ќе се олади ја прикажува „листата за отстрел“ на Арја Старк, една од омилените ликови во серијата. Имињата на оние ликови од листата кои веќе ги нема во серијата се пречкртани, а останатите имиња нудат добар „тизер“ за она што следува во новата сезона.
Фановите можат да дојдат до овие специјални и лимитирани лименки преку социјалните медиуми и употребата на хаштазите #ACanHasNoName, #ForTheThrone и #MTNDEWsweepstakes, споделувајќи со брендот што би жртвувале за да добијат ваква лименка.
Во реалниот свет, новите лименки ќе можат да добијат од специјални вендинг-машини кои изгледаат како „Железниот престол“, а ќе бидат поставени на тајни локации во двата најголеми американски градови – Њујорк и Лос Анџелес. Но, за да можат фановите да дојдат до овие вендинг-машини, ќе мора најпрвин да ја најдат „Господарската монета“, која ќе ја добиваат од „Господари“ доколку им ја кажат точната „древна лозинка“. Ако ова звучи нејасно, така е со причина, бидејќи брендот сé уште тајновито ги чува прецизните детали поврзани со оваа игра.
Како дел од кампањата беше објавено и промотивно видео во кое познати артисти и спортисти, кои се фанови на Game of Thrones и Mountain Dew, ја пеат централната музичка тема на серијата исклучуво преку зборот „Dew“.