Турнејата на божиќниот камион на Кока Кола во Велика Британија е многу пократка, затоа што граѓаните и локалните власти се побунија за бесплатниот пијалок.
Како што пишува Гардијан, камионот тргна од Глазгов минатата недела и ќе посети 24 британски градови, додека минатата година беше во 38 градови. Ова е последица на кампањата Sugar Smart, која се противи на делењето на бесплатни лименки Кока Кола, бидејќи верува дека има големо влијание на дебелеењето на британската нација и појавата на кариес.
Од 1995 година, по два камиони на 14 тони одат по британските градови од кои се слуша музика “Holidays are Coming“, а сите можат да земат бесплатна лименка од 150 ml Coca Colа, Zero Sugar и Diet Coкe. Тие обично се лоцирани во близина на трговски центри, плоштади или празнични саеми. Но, оваа година против овие камиони протестираа во Глазгов, Лондон, Плимут и Бристол, а некои градови самите одлучија дека нема да ги повикаат повторно. Дури 83 организации потпишаа петиција, барајќи од Кока Кола да ги дели само верзиите без шекер.
“Камионот повторно оди во градовите кои имаат проблеми со дебелината. Во дури 14 градови на рутата, децата од основно образование имаат повеќе килограми од просекот“, се вели во петицијата.
Генаралниот менаџер на Кока Кола во Велика Британија, Џон Вудс, истакна дека сепак постојат некои правила при делењето на лименки.
“Очекуваме дека 90 отсто од сите поделени пијалоци ќе бидат без шеќер, а нема да ги делиме на деца под 12 години, доколку не се даде согласност од нивните родители“, вели Вудс.