Home » Во фокусот » Интервју со Иван Живковиќ, Managing&Creative Director на Pioniri Communications

Интервју со Иван Живковиќ, Managing&Creative Director на Pioniri Communications

Pioniri Communications е една од агенциите кои изминативе неколку години оставија печат на дигиталниот пазар во Србија, застанувајќи рамо до рамо со најдобрите дигитални тимови кај нашиот северен сосед. Пред некое време тие прославија 5 години од своето основање исполнети со дузина успешни проекти и кампањи. Какви беа нивните почетоци, како изгледаше патот досега и што е она што го планираат во периодот кој претстои, прочитајте во интервјуто кое го направивме со Г-дин Иван Живковиќ – Managing&Creative Director на Pioniri Communications.

M365: За маркетинг индустријата велиме дека се менува од ден за ден, а камоли после 5 години. Колку таа се изменила од кога Pioniri влегоа во бизнисот? Која е најголемата промена?

Кога ќе се вратиме на нашиот почеток, се` делува многу наивно и смешно, како што беше и дигиталната комуникација тогаш. Одвај броевме лајкови, не мерејќи ги поважните конверзии, а за некој посложен дигитален микс на комуникација и да не зборувам.  Денес дигитал стана всушност маркетинг и се избори за рамноправен статус, ако не и водечки во адвертајзинг индустријата.

M365: Што е она по што најмногу ќе ги паметите изминатите 5 години, можете ли да ни издвоите некоја кампања која што Вас ве промени и направи подобра агенција од Вашиот тим?

Созревавме и растевме со секоја кампања и бренд, а некои од нив не` направија и препознатливи на домашниот и регионалниот пазар. Признанијата и наградите кои ги освоивме за Staropramen viral – Телепорт е можен, онлајн присуството на брендот Metalac садовите, Drina пластика на Фејсбук, како и за онлајн кампањата и social media комуникацијата на IDEA малопродажниот ланец последните години, ги гледаме како признание од колегите и индустријата за нашата работа.

M365: Како ја гледате иднината на маркетинг индустријата? Што според вас ќе биде тренд во оваа 2017 година?

Иднината на маркетинг индустријата е надвор од маркетингот, односно се` повеќе ќе зависи од останатите блиски индустрии. Како и тоа колку ќе бидеме tech спремни, медиски флексибилни и стратешки способни да ги слушнеме новите целни групи.

Што се однесува до регионалните трендови, очекувам годинава да ги видиме и првите дигитални буџети но и подобар фокус и поефикасен стратешки пристап на мнозинството брендови во дигиталните комуникации кои како што сега стојат работите, ќе се сведат на Фејсбук и Инстаграм. Back2web или фактот дека повеќето брендови сфатија дека треба повеќе да вложат во своите канали, односно веб сајтови. Зборуваме веќе долго и за трансформација на агенциите, кризата на таленти, интегрираните комуникации, но извесно е дека оваа година барем во Србија ќе имаме рекорден број на адвертајзинг фестивали.

M365: Како Pioniri Communications го гледаат својот развој во наредните 5 години? Каква е вашата визија за проширување надвор од Србија?

Pioniri имаат сериозен план за развој во наредните години, а како што се покажало во праксата, своите цели сме ги остварувале и значително пред зацртениот рок. Така веќе обезбедивме меѓународно присуство во неколку земји – од Словенија, Хрватска до Босна и Херцеговина. Идејата е и понатаму да работиме на унапредување и проширување на дејноста надвор од Србија, а од друга страна на проширување и понатамошна стандардизација на понудата на нашите услуги, па и надвор од дигиталните и традиционалните канали на комуникација.

M365: Дали сте имале прилика да работите на некој проект во Македонија и колку сте отворени за соработка со македонските независни агенции?

Секако, отворени сме за комуникација и соработка со сите агенции, но и клиенти на кои нашата експертиза и искуство можат да им помогнат. А како што наскоро почнуваме со работа со некои брендови и на македонскиот пазар, еве прилика подобро да се запознаеме и да соработуваме.

M365: Што би им препорачале на сите оне кои што планираат да влезат во маркетинг светот и да основаат своја агенција?

Покрај големата желба да се занимаваат со маркетинг, треба да веруваат дека маркетингот е најубавата работа на светот. А оние кои што би основале агенција како онаа во која што можеби до скоро работеле, да не се обидуваат, затоа што на индустријата не и` треба уште една агенција. Потребни се нови модели и пристапи, нова енергија и нови услуги кои го следат вртоглавиот развој на комуникациите.

 

Автор Marketing365

Маркетинг365 (М365) е прв македонски портал кој во фокусот ја има маркетинг, медиа и ПР индустријата во Македонија. Формиран е во 2011 година и во своето досегашно постоење има добиено неколку домашни и меѓународни признанија вклучувајќи ги и “Блог на годината“ (прво место, 2011 и 2015 год.), “Највлијателен балкански блог кој доаѓа од Македонија“ (прво место 2012) и “Најдобар бизнис-информативен веб сајт“ (второ место, 2014). Почнувајќи од февруари 2015 година, Маркетинг365 е официјален претставник во Македонија на најпознатиот светски креативен фестивал Cannes Lions. Тимот на М365 го сочинуваат активни професионалци од маркетинг, медиа и ПР индустријата во Македонија. e-mail : contact@marketing365.mk

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*

Marketing365 Marketing365 Marketing365