Деновиве и официјално беше лансирана првата македонска андроид апликација посветена на здрава исхрана за деца и доенчиња, Бебе Готвач.
Бебе Готвач е апликација посветена на исхраната на доенчиња и мали деца и е обид за уште еден чекор напред во промоцијата на правилна и здрава исхрана уште од раната детска возраст. Значењето на правилната и здрава исхрана е непроценливо во градењето на здрави деца.
Апликацијата Бебе Готвач содржи рецепти поделени по месеци уште од самиот почеток на дохраната од 6 месечна возраст па нагоре. Содржи табели за дохрана поделени по месеци кои ќе им помогнат на мајките во правилно воведување на нови намирници за соодветната возраст на нивното дете.
Идеата за ваква апликација, еден ваков Бебе Готвач произлезе од администраторите на Facebook групата Здрава храна, Здрави деца, Ирина Наков, Eлена Петковска и Весна Ѓурковска Каеска.
„Тргнавме од сопственото искуство кога треба да се започне со дохрана на бебето, сопствените стравови “дали ги правам вистинските и правилните чекори”, немањето идеа “што да зготвам утре ”, незнаењето “дали оваа комбинација е во ред” итн. Така се роди идеата за да ја основаме групата на Facebook, а потоа и да започнеме со собирање на рецепти кои најпрво ги објавивме во групата како документ.”
Апликацијата ја програмираше Александар Јордановски, андроид програмер. Ова е негова трета самостојна апликација. Како freelancer, за клиенти има развиено преку шест апликации.
„Гледајќи како го работам документот Бебе Готвач, Александар ми предложи да развие апликација со рецепти. Така седнавме заедно, направивме дизајн како да изгледа и го развивме менито. Потоа следуваше собирањето на податоците .“
Сите рецепти и табели за дохрана се собирани од брошури за правилна исхрана на бебиња, готвачи за бебиња, искуства на други мајки и што е најважно се води по препораките од
Прирачникот за правилна исхрана на доенчиња и мали деца, кој е издаден од Институтот за Јавно Здравје на РМ и неговата препорака за започнување со исхрана по 6-от месец, дохрана.
„Во моментов сме во преговори со педијатар и нутриционист кои сакаме да ја поддржат апликацијата и податоците кои стојат во истата и со тоа да и дадеме потврдена веродостојност.“
Апликацијата исто така нуди планер за неделни мениа кои ќе го олеснат секојдневието на секоја мајка и со кои нема да треба да размислуваат што да зготват во денот. Исто така содржи кошничка за намирници со која може да се обележат намирниците во рецептите кои се потребни за набавка.
Во овој момент Бебе Готвач е достапна само за андроид уреди, но нејзините креатори се надеваат дека набрзо ќе имаат можност да ја адаптираат и за ios.
„Бебе Готвач ја работиме од љубов, од сопствен труд, без никакви финансии и не бараме никаков надомест за нејзино инсталирање. Александар сам се понуди да ја изработи, секако заради поддршката која ја дава на тоа што го работиме и вложуваме во групата Здрава Храна, Здрави Деца. Се надеваме дека наскоро ќе имаме можност, односно финансии да ја адаптираме за ios, или ќе се најде уште некој како Александар :) “
Апликацијата Бебе Готвач ви нуди над 160 рецепти поделени по соодветни месеци и може да ја преземете од Google Play Store: https://play.google.com/store/apps/details?id=com.bebegotvach
„Бебе Готвач ќе се развива и понатаму. Секако нема да застанеме тука ниту со бројот на рецепти, ниту со информациите. Во моментов работиме на информации кои се поврзани со начинот на исхрана и нутритивни вредности на храната и со рецепти за големи деца кои секако можат да се консумираат и од возрасни.“